Рој Хоџсон не важи за тренер со многу фанови, па меѓу нив со причина не е ниту Роберто Карлос. Славниот бек кој денеска полни 44 години во Европа се појави во 1995-та и направи трансфер од Палмеирас во Интер.
Можеби малку од вас го паметат или воопшто го виделе во дрес на Интер, бидејќи ем од тогаш поминаа 22 години, ем тоа беше само една сезона. Колеги му беа Паљука, Бергоми, Занети, Пол Инс, Марко Дел Векио, а Панчев таа сезона беше испратен на позајмица во Лајпциг.
Да не беше тренер на Интер таа сезона Рој Хоџсон, кој знае дали и колку ќе останеше дел од Серија А.
„Мојот проблем во Интер беше Рој Хоџсон. Не е дека имав лош однос со него, туку едноставно тој не знаеше многу за фудбалот. Сакаше да ме стави да играм напаѓач, а јас бев дефанзивец.
Јас сакам да има простор пред мене за да можам да трчам повеќе. Подобро да има поле од 80 метри за игра, отколку 20. Не ми се допаѓаше системот на Хоџсон и неговата замисла за тоа каде треба јас да играм. Се наближуваше Копа Америка, играв лев бек за Бразил и сакав истата позиција да ја играм и во Интер.
Морав да заминам зашто не сакав да си ги упропастам шансите за националниот тим. Ако не играв на начинот на кој што умеам да играм, нема да можам да играм за Бразил. Зборував со Морати за да видам дали може да се смени нешто, но на крај единствено решение беше да си заминам“.
Летото 1996-та Карлос направи трансфер во Реал Мадрид и за 11 сезони освои 13 трофеи меѓу кои три пати Лига на шампиони.
„Кога Интер загуби во финалето од Купот на УЕФА од Шалке во 96-та, тоа беше поради Хоџсон. Јас отидов во Реал Мадрид благодарение на Фабио Капело кој беше поразличен тренер. Тој е мојот најважен тренер во кариерата“, вели Карлос.
Славниот бек на Бразил кој направи блескава кариера на Сантијаго Бернабеу потоа заигра во Фенербахче, Коринтијас и Анжи, а пред две години имаше кус обид како играч/тренер во индискиот клуб Делхи.
Сите 7 голови на Карлос за Интер од кои 3 од слободен удар. Рој Хоџсон каде ти биле очите?