Давид Де Хеа (18 милиони фунти од Атлетико Мадрид)
Потпиша во 2011 година како најскап голман во Премиер лигата. Првата година му беше тешка, му требаше време да се прилагоди, но сега го сметаат за еден од најдобрите голмани во светот.
Стив Брус (825.000 фунти од Норич)
Централниот дефанзивец мина 9 успешни сезони на Олд Трафорд и стана првиот познат стопер во ерата на Фергусон заедно со Гери Палистер. Постигна 19 голови за една сезона и стана силно дефанзивно и офанзивно оружје на Јунајтед.
Руд Ван Нистелрој (19м. Фунти од ПСВ)
Фергусон мораше да биде трпелив кога во 2000 година го донесе голгетерот од Холандија. Нистелрој ги скина лигаментите и се врати на терен по една година. Искусниот стратег беше во контакт со него постојано, а по кам бекот Нистелрој на 219 меча постигна 150 голови и стана легендарна 9-та на „Олд Трафорд“.
Денис Ирвин (625.000 фунти од Олдам)
Најпрепознатливиот фудбалер со број 3 во Јунајтед беше Денис Ирвин. Одигра 527 меча и беше специјалист за голови од слободен удар. За 12 години постигна 33 голови.
Оле Гунар Солскер (1,6 м. фунти од Молде)
Норвешкиот напаѓач беше непознат за Премиер лигата, но кога дојде во Манчестер остана 11 години и стана миленик на навивачите. Беше познат како „џокерот“ на Фергусон, а во една прилика влезе во игра од клупата и за 12 минути постигна 4 голови. Врвот на славата ја достигна во финалето од Лигата на шампионите во 1999 година против Баерн Минхен кога постигна гол во продолженијата и го реши мечот.
Немања Видиќ (7м. фунти од Спартак Москва)
Поранешниот српски репрезентативец заедно со Рио Фердинанд беа една од најдобрите двојки во одбраната на Манчестер. Видиќ беше познат по лидерските способности и умешноста во воздушните дуели. Освои 5 титули во Премиер лигата за 8 сезони и беше прогласуван за најдобар играч на првенството 4 пати.
Рој Кин (3,75 м. фунти од Нотингем Форест)
Мина 12 успешни години за Манчестер Јунајтед, а беше познат како голем и агресивен борец во средниот ред. Кин беше еден од најдобрите капитени во Премиер лигата.
Кристијано Роналдо (12,25м. фунти од Спортинг)
Во 2003 година дојде како тинејџер во Манчестер, а во 2009-та замина во Реал Мадрид како најскап фудбалер за сума од 67,75 милиони фунти или 86 милиони евра. Славната 7-ка беше клучен играч во финалето од ЛШ во 2008 година.
Петар Шмајхел (750.000 фунти од Брондби)
Данскиот голман е еден од најдобрите во историјата на Премиер лигата. Си замина од „Олд Трафорд“ по тројната круна на Манчестер во 1999 година. За 8 години освои 5 титули во Премиер лигата, три ФА купа, еден Лига куп и Лига на шампиони.
Ерик Кантона (1,2 милиони фунти од Лидс)
Иако е пензиониран пред речиси 20 години, името на Кантона се уште се пее на „Олд Трафорд“. Познат како „Кралот“, францускиот напаѓач потпиша за Јунајтед од големиот ривал Лидс. Некои го сметаат за најдобар странец во Премиер лигата, а маана му беше недисциплината. Сликата од кунг фу ударот на навивачот на Кристал Палас стана легендарна, а за тоа беше суспендиран 8 месеци.
Честитка од Роналдо за денешниот 73 роденден.