Составот на Симоне Инѕаги сезонава е изненадување број 1 во италијанскиот фудбал или можеби реалност, зависи кој како гледа на работите. Довчерашниот италијански напаѓач кој не го биваше баш како брат му, прави чуда откако дресот на Лацио го смени со тренерско сако.
Неговиот тим замислете сезонава е поефикасен од еден Манчестер Јунајтед, Баерн Минхен, Реал Мадрид и уште од ред други великани во европскиот фудбал. Споредбата со овие три екипи се доволен доказ за да се утврди дека во Лацио нешто посебно се случува.
Тие не само што го имаат најдобриот напад во Италија, туку тој котира на високата четврта позиција во Европа во конкуренција на најдобрите 5 лиги. Пред нив се само Манчестер Сити кој со три меча повеќе има 70 гола, потоа ПСЖ (67), па Барселона (59). Лацијалите по 21 коло имаат 53 погодоци или 4 повеќе од Јуве, 8 од Наполи, 13 од Рома и дури 18 повеќе од Интер.
Во позадина на успесите на Лацио оваа сезона кој со извонреден напаѓачки фудбал ги меле противниците со високи победи, се крие работата на потценетиот спортски директор Игли Таре.
Тој од подзаборавени или млади талентирани играчи прави ѕвезди за кои потоа доаѓаат незгодни понуди од далеку помоќни екипи. И додека на клубот му носи доста добри суми на пари во каса, истовремено лови адекватни па и подобри замени од нив за ич пари.
Доказ за тоа е оваа феноменална четворка на која се темели играта на Лацио. Сите заедно ги купи за 36, а сега вредат 230 милиони евра. Ќе почнеме од првиот.
Кога ќе се спомене името на Чиро Имобиле сигурно ве асоцира на Торино, па на не баш успешните авантури во Борусија Дортмунд и Севиља. Епа дечкото го купи за 9,5 , а сега вреди 60 милиони евра.
Сезоната е до пола, а тој веќе има 20 голови, еден повеќе од Меси. За споредба, во Германија прв е Левандовски со 17, во Франција Кавани 20, а во Англија Хари Кејн со 21.
Мозокот во средниот ред на Лацио се вика Луис Алберто. Ако некој го памети во Ливерпул, таму имаше скромни 9 настапи, а потоа две позајмици во Шпанија. Сега има 20 настапи, 7 голови, а заработи и повик во Црвената Фурија. Сега вреди 10 пати повеќе.
Друштво му прави староседелецот Фелипе Андерсон кој игра понапред. Го немаше цела полусезона поради повреда, но откако се врати личи како ништо да не му било. Дојде во 2013-та за 7,5 милиони евра, а сега вреди 30.
Најпосакуваното име меѓу нив е Сергеј Милинковиќ Савиќ. Дечкото кој во 2015-та стана Светски првак со Србија У-20 сезонава везе со топката, а дава и евроголови. Вредност? 100-че.
Лацио минатата сезона ги продаде Лукас Биља во Милан и Кеита Балде во Монако од кои извади околу 50 милиони евра. Но ниту еден навивач на Олимпико повеќе не ги спомнува овие двајца играчи кои беа дел од костурот на екипата.
Сите зборуваат за Симоне Инѕаги и неговите пулени кои атакуваат за место во топ 4 кое води директно во Лига на шампиони. Табелата е густа: Наполи 54, Јувентус 53, Лацио 43, Интер 43, Рома 40. Вечерва се играат два заостанати натпревари: Лацио - Удинезе и Сампдорија - Рома. Со победа, Лацио ќе му избега на Интер 3 бода.
Ако уште не ви е јасен насловот, погледнете ја анкетата на Кориере дело Спорт која ги праша читателите: Кој е најдобриот спортски директор во Серија А?