ЊУКАСЛ 2002/2003
Предводени од Сер Боби Робсон, на фудбалерите на Њукасл им одеше одлично во Премиер лигата, но во Европа ги загубија првите 3 кола и тоа без да постигнат гол. На Сент Џејмс Парк гостуваше Јувентус предводен од Липи кој истата година стигна до финале. Тоа беше пресвртница за Англичаните кои на крајот славеа против силниот италијански тим кој во нападот го имаше Дел Пјеро, а потоа ги совладаа и Динамо Киев и Феенорд. Така Њукасл тогаш стана првиот тим кој се квалификувал во нокаут фаза откако ги загубил првите 3 кола.
ЛИВЕРПУЛ 2007/2008
Европскиот првак од 2005-та требаше да најде сили и начин како да не се посрамоти и да го пронајде патот до осминафиналето откако освои само еден бод на трите меча со Марсеј, Порто и Бешикташ. Црвените на крајот не само што успеаа во тоа, туку експлодираа со 16 гола во последните 3 кола. 8:0 против Бешикташ, 4:1 со Порто и 0:4 против Марсеј. Беа првиот англиски клуб кој славел на Велодром.
ВЕРДЕР БРЕМЕН 2005/2006
Откако собраа само 4 бода на 5 меча, момците на Томас Шаф требаше да направат едно мало чудо за да влезат во топ 16, а тоа е да го совладаат Панатинаикос со 4 гола разлика и да се надеваат дека Барса нема да киксне со Удинезе. Трилерот на крај изледаше вака: Вердер победи 5:1, а Каталонците го победија Удинезе со два гола во последните 5 минути.
ДИНАМО КИЕВ 1999/2000
Најдобриот стрелец во ЛШ во сезоната 1998/1999 беше Андриј Шевченко кој со Динамо Киев стигна до полуфинале каде загуби од Баерн Минхен со вкупни 4:3. Следната сезона тој и уште неколку важни играчи на Динамо беа продадени, но и покрај тоа Украинците се изборија за нокаут фаза. Имаа само 1 бода од можни 9, но потоа славеа против Баер Леверкузен и Марибор. И покрај тоа што во 6. коло беа поразени од Лацио, завршија како втори во група.
МАНЧЕСТЕР СИТИ 2014/2015
Со скромни 2 бода на 4 меча идентично како што се случува сега со Борусија, на Манчестер Сити му преостануваа две средби кои мораше да ги добие ако сака да оди понатаму. На 5 минути до крај губеа дома од Баерн 1:2, но Серхио Агуеро даде два гола во финишот со што комплетираше хет-трик, а истовремено Рома и ЦСКА ремизираа. Во последното коло гостуваа на Олимпико и го заверија осминафиналето со победа од 0:2.
АРСЕНАЛ 2015/2016
Тоа е Арсенал. Се посрамоти прво во Загреб, а потоа дома со Олимпијакос и повторно излезе од калта. За подвигот прво го победи Баерн дома 2:0, па попи петарда на реваншот, а во последните две кола им се реваншираше на Динамо и Олимпијакос со по 3:0 за осминафинале.
РОЗЕНБОРГ 1996/1997
Сезоната им почна со перфектен старт, а тоа се 3 бода на гости со Гетеборг, а потоа следуваа три порази во низа кои наговестуваа елиминација. Што се случи од крај? Прво го победија Гетеборг и на реваншот, а во последното коло го исфрлија Милан на гости во борбата за второ место.
БАЕРН МИНХЕН 2009/2010
Германците имаа разочарувачки старт таа сезона во ЛШ и освоија 4 бода на 4 меча, губејќи го двобојот со Бордо. Луис ван Гал беше под интензивен надзор и му требаа големи резултати бидејќи заостануваше на третата позиција со 4 бода помалку од Јуве. Целта на крај успеаа да ја остварат со победа против Макаби од 1:0 и висок гостински триумф над Јуве од 1:4. Таа сезона стигнаа до финале кое го загубија од Интер на Мурињо.
ОЛИМПИЈАКОС 2007/2008
Иако според рејтингот беа петти најслаб тим таа сезона во ЛШ, сепак Грците успеаа да преживеат во група со Реал Мадрид, Вердер Бремен и Лацио, откако победија на само еден од првите четири меча. Изненадувачкото осминафинале го достигна со победи против Лацио и Вердер кои практично ги елиминираа.
АРСЕНАЛ 2004/2004
И покрај тоа што станаа непобедливи во Премиер лигата, Топџиите во Европа не беа така доминантни и загубија два меча во првите 3 кола. Откако со голот на Ешли Кол во 88-ма минута го совладаа Динамо Киев, на Меаца го уништија Интер со 1:5. Во последното коло дури се изборија и за прва позиција откако го добија Локомотив Москва.