Меси и Роналдо оваа сезона во Шпанија заедно постигнаа 8 голови, што е катастрофален старт во однос на нивните голгетерски амбиции и битки за трофеи, индивидуални и тимски.
Тие за сега се во сенка на Роберт Левандовски и Пјер-Ерик Обамејанг кои по само 7 поминати кола во Бундеслигата заедно запишаа 19 голови. Старт за почит кој го нема во ниту една друга лига во светов.
И додека Левандовски е докажан голгетер и напаѓач од светска класа за кој не постојат сомневања, Обамејанг е постојан во формата. Репрезентативецот од Габон кој е прв од оваа африканска земја кој заиграл во Бундеслигата сезонава успеа да постигне гол на секој меч во првенството.
Викендов постигна два гола против Дармштад и сега има вкупно 9 голови на седум меча. Ако тоа не е доволно, Обамејанг се запиша три пати и на листата на стрелци во Лига Европа, а има еден погодок и во Купот.
Тој играше во одлична форма и минатата сезона, а кога на 31 јули 2015-та потпиша нов договор со Борусија Дортмунд до 2020 година изјави:
„Секој дел од мене сака да биде тука и јас никогаш не сакав да заминам“.
Левандовски има само еден гол повеќе од него, а 7 од нив ги постигна за само четири дена, 5 против Волфсбург и два против Мајнц. Ваков старт во Германија не е забележан од времето на Герд Милер.
Минатата сезона најдобар стрелец во Бундеслигата беше Александар Мајер од Ајнтрахт со 19 голови, а една година претходно наградата отиде кај Левандовски кој постигна 20 голови.
Ниту еден фудбалер не успеал да стигне до бројка од 30 голови во Бундеслигата веќе подолг период. Тоа последен пат го стори Дитер Милер за Келн кога во сезоната 1976/1977 постигна 34 голови. Број 1 е Герд Милер кој сезоната 1971/1972 ја заврши со 40 голови.
Следното коло во германскиот шампионат ќе се судрат Баерн Минхен и Борусија Дортмунд, а тоа ќе биде дуел и меѓу моментално најрасположените голгетери во Европа кои со ова темпо почнуваат да ги бркаат рекордите на легендарниот Герд Милер кој 7 пати беше најдобар стрелец во Бундеслигата.