Во Катар се уапсени најмалку 60 странски работници кои протестирале бидејќи со месеци не земале плата, а дел од нив се депортирани.
Ова се случува на само три месеци пред да почне Светското фудбалско првенство и во време кога Катар се соочува со интензивна меѓународна контрола околу нивниот третман со луѓето кои работеа на изградба на стадионите.
Катар во голема мера се потпира на странска работна сила од Непал, Бангладеш, Индија, Филипини, а ФИФА не направи ништо за да ги заштити градежните работници кои работеа во нехумани услови на пеколни горештини.
Минатата недела околу 60 бесни работници протестирале пред канцелариите на Ал Бандари Интернешнл Груп во Доха, компанија која се занимава со дејности како градежништво, недвижен имот, хотели и услуги за храна, поради тоа што седум месеци не земале плата.
Во изјава за Асошиетед прес, од владата на Катар рекле дека голем број демонстранти биле приведени поради кршење на законите за јавна безбедност, но одбиле да дадат дополнителни информации за апсењата и депортирањето.
Катарската влада признала дека фирмата не исплатила плати и дека ќе ги исплати нејзиното Министерство за труд.
Шефот на трудовото консултантско друштво кое го истражува инцидентот, Мустафа Кадри рекол дека уапсените демонстранти полицијата ги држела во загушлива просторија без клима во денови кога во Катар температурала стигнала до 41 степен.
Од 2009-та до 2019-та во Катар загинаа 1.426 работници од Непал, а новинари од arabnews снимаа тајно за да направат документарец.