82’ минута од мечот на 1/32 финалето на Купот на Германија. Хановер го водел Карлсруе со 0:4 и тогаш тренерот на гостите Андре Брајтенрајтер во игра го пуштил 23-годишниот Хендрик Вајдандт кој до тој ден никој не го видел.
Хендрик никогаш не играл професионален фудбал. По само три минути игра Хендрик постигнал гол, а после пет минути и втор гол.
„Такви моменти, вакви бајки се случуваат само во фудбалот“, рекол по триумфот од 0:6 спортскиот директор на Хановер, Хорст Хелдт.
Пред четири години високиот Вајданд настапувал во градската аматерска лига во Хановер (Kreizliga) за тимот Грос Минцел (екипата се наоѓа на 25 километри од градот). Корпулентниот Хендрик (висок 195 сантиметри) давал голови на секој меч и набрзо преминал во Егесторф Лангредер.
Најголем резултат на Егесторф во клупската историја бил пласман во четвртата дивизија на Регионалната лига Норд (најнизок степен во германскиот фудбалски систем каде играат екипи од Долна Саксонија, Бремен и Хамбург). И тоа благодарение на Вајданд кој дал 40 гола за 3 сезони и бил најзаслужен за успехот.
Во Егесторф земал по 400 евра месечно. Но летово се случило нешто неверојатно.
Во претпоследното коло од Регионалната лига Норд, Хендрик дал гол против вториот тим на Хановер, им се допаднал на тренерите и го викнале на проба.
Откако задоволил на пробата, Хановер му понудил договор со плата од 3.000 евра месечно. Во предсезоната на подготовките, Хени (така го викаат соиграчите) дал осум гола и добил повик за мечот од Купот на Германија.
Сега Хановер размислува да му понуди нов професионален договор со плата од 12.000 до 14.000 евра месечно или 30-35 пати повеќе отколку што земал изминатата пролет.
Германските спортски новинари го споредувале Хени со Мирослав Клозе кој исто подоцна, на 22 години дебитирал во сениорскиот професионален фудбал. Тренерот на Хановер Андре Брајтенрајтер бил воодушевен: „Хени денес е најсреќен човек на светот, ние сите ја споделуваме неговата радост.“
Ќе биде интересно да се види Хенрик Вајдандт во Бундеслигата. Ние ќе следиме дали ќе биде во составот на 25. август во сабота за мечот Хановер - Вердер.