Се работи за Калон, презиме добро познато во Интер и Серија А од времето на Роналдо Бразилецот. Но овој не е Мохамед кој сега има 41 година и кој потоа играше во Монако, а се пензионираше во 2016-та, замислете во клуб од неговата родна земја кој се вика Калон.
Ги поврзува тоа што и двајцата го облекоа истиот дрес, а тоа е Џенова. Мохамед во сезоната 1997/1998 како позајмен играч, а Јаја од годинава. Како и тоа што се родени во Сиера Леоне.
Јаја Калон заигра во Италија во 2018-та во четвртолигашот Савона, а на 22 мај 2021-ва дебитираше за Џенова на мечот против Каљари.
Пред четири дена го постигна и деби голот за својот клуб и тоа на многу мангупски начин, во стил на зрел играч кој решава натпревар.
При резултат 2:2 против Перуџа, прими топка од корнер, ја свитка мајсторски како Дел Пјеро и ја однесе Џенова во следната фаза во Купот на Италија.
„Овој гол на Мараси со присуство на навивачи е дел од исполнување на моите соништа. Потребно е да се трудам со вакви финти, бидејќи така мојот чувар не знае на која страна да тргне. Тука сите ме поддржуваат, почнувајќи од тренерот и соиграчите кои ме прифатија одлично“, изјави среќниот напаѓач кој летово наполни 20 години.
Кога италијанските новинари го прашаа кој е неговиот вистински модел на играч, еве што одговори:
„Фудбалски модели? Пред да почнам да играм велев Кристијано Роналдо, но откако пристигнав во Џенова го сакам Пандев, и како играч и како личност. Тој е мојот идол. Ја освои Лигата на шампионите и собра големи успеси во кариерата, а јас тренирам секој ден со него и можам да кажам дека има неверојатна смиреност и сериозност, како и дарежливост во однос на давање совети“.
Инаку Јаја Калон едвај останал жив за да стигне до Италија. На 14 години бегал од војна и преку пет земји и 8 часа возење со брод, стасал до чизмата.
Ќе има од кого да учи сезонава, бидејќи македонската фудбалска икона го продолжи договорот со Џенова до 30 јуни 2022.
Гочиштето на младиот Калона за триумф на Џенова.