Во првата половина на аргентинското првенство (се играат 2 шампионати), Ривер Плата беше прва, но по серијата од 8 победи на последните 9 натпревари, Расинг Клуб ја освои титулата.
Тимот од предградието на Буенос Аирес играше дома против Годој Круз а Ривер Плата која заостануваше 2 бода зад лидерот Расинг гостуваше кај Килмеш. Милионерите поведоа први со голот на Карлос Санчез, а во исто време Расинг не ги разочара 50.000 гледачи на својот Цилиндер (преполн 3 часа пред мечот). Рикардо Центурион во 49-та минута му донесе победа и титула на Расинг кој на крајот има 41 бод, два повеќе од Ривер Плата.
„Не можам да верувам. Ова е како сон. Сите сонувавме за вакво нешто. Поради ова се вратив дома", изјави херојот Диего Милито, со кој Расинг ја освои последната титула пред 13 години.
За Расинг ова е 17. титула со што стана третиот најуспешен клуб во Аргентина. Бока Јуниорс е прва со 36 титули, а Ривер Плата има 30. И двата клуба, заедно со Сан Лоренцо и Хуракан обезбедија учество во Копа Либертадорес за следната година.