Милан ја сруши Барселона

По долгата доминација на Барселона, фудбалерите на Милан конечно ги покорија „Каталонците". Барселона цел натпревар не упати удар во рамките на голот и Милан на реваншот ќе патува со 2:0. Шалке го преживеа пеколот во Истанбул и одигра 1:1 на гостувањето кај Галатасарај.

Милан - Барселона 2:0 (0:0)
Боатенг 57, Мунтари 81

Фудбалерите на Барселона од самиот старт се обидоа да ја наметнат својата препознатлива игра со многу додавања, но нивната иницијатива не вроди плод.

Посериозните шанси во првиот дел се случија пред голот на Валдес. Најпрвин Ел Шарави изби сам пред голот, но си даде предолг фор и топката отиде во корнер, а по изведениот корнер Боатенг биеше крај голот.

По 12 минути игра во вториот дел, огромно славје на Сан Сиро. Монтоливо биеше по слободен удар, а топката најпрвин удри во Алба, а потоа преку телото на Запата дојде до Боатенг кој ја затресе мрежата на Валдес со убав удар во десниот агол. Фудбалерите на Барселона бараа игра со рака од Запата, но судијата покажа кон центарот.

Каталонците имаа повеќе од поседот на топката и направија многу додавања, но на првата сериозна закана чекаа дури 80 минути кога Чави од слободен удар биеше над голот.

Во 81-та минута по убава акција по асистенција на Ел Шарави, Мунтари ги постави конечните 2:0 за голема победа на Милан и резултат кој ветува супер интересен реванш во Барселона.


Галатасарај - Шалке 1:1 (1:1)
Јимлаз 12, - Џонс 45

Бодрени од 52.000 фанатични навивачи, Галатасарај дојде до водство по 12 минути игра со мајсторијата на Бурук Јилмаз кој со петица ја префрли топката преку својот чувар и со одличен удар го совлада Хилдебранд.

Но домаќините беа шокирани во последните моменти од првиот дел кога по една контра, Фарфан го проигра Џермејн Џонс кој израмни на 1:1.

Во второто полувреме двете екипи ја „умртвија" играта и креираа само по една посериозна шанса, но резултатот остана непроменет.

20 февруари 2013 - 22:37