Ако сезоната во Серија А почнеше на 10 март, лидер на табела сега ќе беше Болоња. Од тој ден до сега оваа екипа која се бори за опстанок има освоено 16 од вкупно 21 бод.
На 28 јануари Михајловиќ поради слаби резултати го замени Филипо Инѕаги и ја препороди Болоња. Замислете во првите 21 коло, славниот напаѓач кој за сега не се покажа како тренер успеа да оствари само 3 победи, а неговиот наследник победи 6 пати на 12 меча колку што го води истиот тим.
И тоа Синиша кој направи кам бек во Болоња по 10 години, дебитираше со победа на Меаца против Интер од 0:1, потоа четири кола не можеше да победи, но на последните 7 меча извади максимум. Ги совлада Каљари, Торино, Сасуоло, Киево и Сампдорија, одигра реми со Фиорентина и загуби само од незгодната Аталанта.
И вториот по број на освоени бодови во изминативе 7 кола е големо изненадување бидејќи се вика СПАЛ, тимот кој ги шамараше Јувентус, Рома два пати, Лацио и Аталанта и кој со гостинскиот триумф викендов стигна до 15 од вкупно 21 бод, исто како Јуве.
Ако треба да продолжиме со оваа табела од која може само да се утврди моменталната форма на екипите, тогаш во последните 7 кола со најголем број на бодови следуваат Интер 14, Торино 12, Каљари 12, Аталанта 12, Наполи 11, Рома 11, Лацио 10, Сампдорија 9, Милан 8....
Со оглед на тоа што до крајот има уште 5 кола, а во следното коло се среќаваат Болоња и Емполи, ова може да биде клучна средба во борбата за опстанок. Ако Михајловиќ ја продолжи извонредната серија и го победи Емполи, тогаш ќе му избега на +8.
Во тој случај малку може да се верува дека Емполи е кадарен да направи чудо, особено поради нивниот многу тежок распоред кој исто така важи и за Болоња.
Емполи ги пречекува Фиорентина и Торино, а гостува против Сампдорија и Интер. Болоња дома игра со Парма и Наполи, а им гостува на Милан и Лацио. Ни Пандев и Удинезе не се раат.