Само неколку кола траеше постот на Лионел Меси, кој се врати во формата со која четири пати по ред беше биран за најдобар фудбалер на планетава.
Со двата гола против Еибар викендов, Меси стигна до бројката од 20 голови и 12 асистенции на 17 натпревари во 2015-та. Меси во моментов има 43 голови, што значи дека ја надмина бројката од минатата година кога даде 41 гол. До крајот на сезоната има уште три месеци. Застрашувачки делува статистиката на Меси во 2015-та, со 17 првенствени голови во новата година, Меси го престигна Кристијано Роналдо на листата на стрелци во Шпанија. Меси има 32 гола, а Роналдо 30 во Примера.
Тоа беше незамисливо во 15. коло кога капитенот на Португалија имаше 25 голови, а Меси само 13. Минатата сезона, Меси даде 28 голови во Ла Лига (веќе надминати сезонава), осум во ЛШ (толку даде и досега) и пет во шпанскиот куп (сезонава е пократок за два гола), а му останува уште финалето против Атлетик Билбао.
Лионел Меси води и во трката за Златната Копачка во Европа, како најдобар стрелец, пред Роналдо, Евгени Кабаев (Калев, Естонија), Александар Мејер (Франкфурт) и Александар Лаказет (Лион).
Меси стана и деветтиот најдобар стрелец во историјата на европскиот клупски фудбал, откако се израмни со Силвио Пиола кој за Про Верчели, Лацио, Јуве и Новара дал 274 голови во Серија А. Меси е пократок за 92 голови од Џими Гривс, најдобриот стрелец во историјата на англискиот клупски фудбал.
Мајсториите и головите на Лео викендов против Еибар: