Меси се очекува да блесне во Бразил

Се наоѓа во зенитот на својата кариера, ги освои сите титули со Барселона, има четири признанија за број 1 во светот, сруши многу рекорди и му преостана да направи нешто значајно и со Аргентина.

Првото Светско првенство за Меси беше во 2006 година во Германија каде неговата селекција беше елиминирана во четвртфиналето од домаќинот. Тој доби само една шанса како стартер и постигна само еден гол, оној против Србија и Црна Гора.

По четири години на Мундијалот во Јужна Африка, селектор на Аргентина беше Марадона кој му даде плејмејкерска улога. Меси одлично ја искористи правејќи многу асистенции, но тој ниту еднаш не ја затресе мрежата. И на ова светско Аргентинците не ја минаа четвртфиналната пречка наречена Германија.

На следниот Мундијал во Русија 2018 тој ќе има 31 година и прашање ќе биде дали ќе ја одржи топ формата до тогаш. Според 101greatgoals ова се причините поради кои се очекува тој да “експлодира“ во дресот на Аргентина и да стане најдобар стрелец на првенството.

1. Гаучосите се наоѓаат во групата Ф, заедно со БиХ, Иран и Нигерија и според квалитетот на репрезентациите, Аргентина е фаворит број 1 за првата позиција на табелата.

Селекторот Сабела во составот има играчи од калибарот на Агуеро, Игуаин, Лавеци, Ди Мариа, а головите на овие репрезентации се очекува да бидат лесна мета за лидерот во нивниот напад.

2. Доколку Аргентинците завршат на првата позиција во својата група, се очекува во следната фаза да се сретнат со Швајцарија или Еквадор кои се главни претенденти за освојување на втората позиција во групата Е.

Тоа би бил уште еден лесен залак и веќе четири меча на кои Меси има реални шанси да стигне до солидна бројка на погодоци. Евентуалниот противник во четвртфиналето е тешко да се предвиди, но Аргентина игра на свој континент и се очекува да има голема поддршка од трибините особено во нокаут фазата.

3. Меси беше долго време критикуван дека не ги прикажува истите игри како во Барселона, а на светските првенства има само еден гол. Но во последно време тоа се промени. 

Во јуни 2012 година на пријателски меч против Бразил тој блесна со хет-трик, а на последните три меча за својот национален тим постигна пет голови. 

4. Во периодот од 10 ноември 2013 до 8 јануари 2014, Меси поради повреда не одигра ниту еден меч. Со оглед на напорната сезона и густиот календар со многу мечеви, тоа беше одлична можност за да се одмори и потоа со нова енергија да го одигра вториот дел од сезоната, а потоа и Мундијалот. 

5. И да се каже дека оваа сезона беше лоша за него во споредба со минатите, сепак Меси беше во добра форма. Со пауза од два месеци тој постигна 41 гол на 44 мечеви на сите натпреварувања, а во вториот дел од сезоната во Примера е најдобар стрелец.

13 мај 2014 - 12:51