Меси доби неколку дена одмор поради болки во бутниот мускул па ги пропушти пријателските и со Италија (Аргентина славеше 0-2) и со Шпанија (дебакл од 6-1).
Катастрофата синоќа на „Ванда Метрополитано“ стадионот во Мадрид е повторување на кошмарниот анти-рекорден пораз 6-1 од Чехословачка во 1968-ма и од Боливија во 2009-та. Седум гола Аргентинците не дале никому, ама примале по шест.
И покрај катастрофата, селекторот на „Гаучосите“ Хорхе Сампаоли не гледа повод за паника: „Играта не беше толку еднострана како што покажува резултатот. Одигравме одлично прво полувреме од аспект на организација на играта. На Светско ќе има такви противници и такви мечеви, мора да бидеме спремни“, изјавил Сампаоли по пријателската.
Меси го следеше мечот од ложата и кога „Фуријата“ го даде шестиот гол (Иско), стана и разочарано замина:
الأُسطورة ليو ميسي يغادر ملعب المُباراة 🙁 pic.twitter.com/IFObJR1tDJ
— FCBW Media 🎬🌏 (@Barcelona_M23) March 27, 2018
Емоциите на Меси може да се разберат ако се знае дека пред мечот со Шпанците тој категорично го нарече Светското 2018 своја последна шанса за најголем успех во кариерата. „На нашата силна генерација и се ближи крајот, скоро многу работи ќе се сменат во репрезентацијата. Сфаќаме дека е дојдено или сега или никогаш. Друга шанса нема веќе да има“.
Притисок врз Меси стави и селекторот Сампаоли кој долго време го штитеше од јавноста:
„Светското првенство е како револвер ставен на главата на Меси. Ако Лео не го освои Мундијалот тој ќе биде застрелан“, фигуративно го објасни односот на навивачите кон Лионел.
По дуелот синоќа некогашниот тренер на Севиља и селектор на Чиле уште рече и:
„Многу го ценам односот на Меси кон репрезентацијата. Прво се спушти во соблекувалната за да позборува со нас, за екипата и посебно за новите момци. Тој живее за репрезентацијата. И денес да игравме официјален натпревар тој ќе истрчаше на терен“.
Аргентина на Светското е во групата Д со Хрватска, Исланд и Нигерија. Ќе отворат со Скандинавците, па со Балканците и на крај со Африканците.