Лионел Меси и Кристијано Роналдо ја играат една од најинтересните сезони во европскиот фудбал. Тие веќе го срушија рекордот на шпанската Примера со по 41 постигнат погодок, а до крајот на сезоната треба да се одиграат уште пет натпревари.
Бројката од 41 гол е уште поимпресивна ако се направи споредба со останатите големи лиги во Европа. Меси и Роналдо не само што имаат дадено повеќе голови од водечките стрелци во Англија, Германија и Италија, туку тие имаат дадено повеќе голови од третина од клубовите во овие лиги.
Шпанија
Дури 10 клубови од шпанската Примера имаат постигнато помалку од 41 гол цела сезона, вклучувајќи ги и Осасуна на 6-та и Севиља на 9-та позиција.
Англија
Ливерпул е еден од 10-те клубови од англиската Премиер лига кои имаат постигнато помалку голови од Меси и Роналдо. Најдобар стрелец во лигата е Робин ван Перси со 34 гола.
Германија
Германската Бундеслига е позната по тоа што таму паѓаат многу голови, но сепак има осум клубови кои не постигнале 41 гол. Помеѓу овие клубови е и Хановер кој оваа сезона стигна до четвртфиналето на Лига Европа. Водечки стрелец во Германија е Марио Гомез со 25 гола.
Италија
Во Серија А има девет клубови чии фудбалери заедно не можат да дадат голови колку Меси и Роналдо индивидуално. Прв на листата на стрелци е Златан Ибрахимовиќ со 23 гола.
Вардар и Металург поефикасни од Меси и Роналдо
Во Македонија се одиграни само 26 кола за разлика од поголемите европски лиги каде клубовите имаат одиграно над 30 натпревари. Од македонските клубови, најрасположени се стрелците на Вардар и Металург кои имаат постигнато по 42 голови. Сите други клубови имаат постигнато помалку голови од Меси и Роналдо, вклучувајќи ја и третопласираната Шкендија чии фудбалери постигнале вкупно 40 голови. Најдобар стрелец во Македонија е Филип Ивановски од Вардар со 20 голови.