Во Сараево синоќа во центарот на вниманието беше големото градско дерби помеѓу Железничар и Сараево, а најзаслужни за шмекот на овој натпревар како и секогаш се погрижија двете најголеми навивачки групи од БиХ кои приредија празник за очи.
Ривалстовото на овие два клуба од главниот град на БиХ датира од 1954 година, а вчера на програмата беше 102 дерби. За неизвесноста за овие дуели говори фактот што вчера тоа беше 42 нерешен резултат, а и двете екипи имаат по 30 победи.
Железничар е оформен во 1921 година од страна на работници, а Сараево постои од 1946 година, а го формирале локалните власти. Идејата била да се создаде силен тим кој ќе ја претставува земјата во меѓународни рамки, така што најдобрите играчи во тоа време од Железничар направиле трансфер во новиот клуб именуван според градот.
Фудбалерите добивале повисоки плати во клубот кој бил во сопственост на власта и практично уште од тоа време започнало големото ривалство.
На почетокот навивачите на Сараево биле сметани дека припаѓаат на високата класа и дека имаат поврзаност со властите, додека оние на Железничар биле од работничката класа. Но подоцна овие разлики исчезнале.
И двете навивачки групи се познати по импресивната атмосфера која ја приредуваат за време на дерби мечевите со гласно навивање, прекрасни кореографии како и многу знамиња и транспранети со разни пораки.
Најстраствените навивачки на Железничар се викаат Манијаци затоа што нивната приврзаност за клубот ја сметаат како лудо голема.
Најголемите пак навивачи на Сараево се викаат Хорде Зла, а постарите од нив го носат името Питари.
Жестокото навивање на вчерашното дерби започна уште од улиците на Сараево, а кулминацијата со голем број на бакљи се случи за време на мечот на стадионот Асим Ферхатовиќ Хасе кој има капацитет од 35.000 седишта.
Интересно е што првиот официјален лигашки меч помеѓу овие две екипи во 1954 година завршил со 6:1 за Сараево, а тоа засега останала како највисоката победа во дербито. Останува да видиме што ќе приредат овие две навивачки групи наредната година кога ќе се одбележат 60 години од одигрувањето на првиот официјален дерби меч.