Одличните настапи на турнирот во Вијареџо каде се појави тимот Академија Пандев и добрата партија во финалето на Купот на Македонија за кадети кога даде гол (Струмичани го победија Вардар 1:0) беа доволна причина ФК Интер да го покани Кристијан Трапановски на проба.
16-годишниот Трапановски веќе е во Милано каде имал лекарски прегледи и почнал да работи на програмата која што му ја дале од Интер. Трапановски во Интер ќе биде во друштво на Јани Атанасов, уште еден македонски талент кој веќе неколку месеци престојува во кампот на миланскиот гигант.
Кристијан Трапановски е офанзивен левоног фудбалер кој добро се снаоѓа и во шпицот на нападот. Неколку маестрални потези на турнирот во Вијареџо ги воодушевиле скаутите на повеќе европски клубови, меѓу кои најбрз бил Интер. Постои можност Трапановски да оди и на позајмица во друг клуб, за него пројавиле интерес големи белгиски и словачки клубови.
Неодамна Јани Атанасов и Трапановски беа гости на фудбалскиот клуб Партизан на турнирот Гаетано Ширеа во Италија каде настапуваа уште и Милан, Рома, Јувентус, Плзен и други.
Одличните односи кои струмичкиот клуб ги има со италијанските клубови вродува со плод, затоа што Кико Трапановски е дури четврти фудбалер од Академија Пандев кој е отиден на проба или веќе потпишал договор со нов клуб. Покрај Јани Атанасов и Кико Трапановски, на Апенинскиот Полуостров замина и Михаил Маневски кој е на проба во Емполи, а Даниел Миловановиќ веќе тренира со кадетите на Кјево за кого потпиша договор.
Македонскиот вундеркид Кико Трапановски: