Пет титули во Лига на шампиони, 7 скудета, 2 Светски клупски пехари, 25 години првотимец на Милан, 8 години капитен на Италија: Паоло Малдини еден од најголемите светски фудбалери во историјата. Позитивен е на коронавирус како и син му Даниел кој има 18 години и веќе дебитираше за Милан, клуб чиј капитен беше и дедо Чезаре, првиот Италијанец кој го крена златниот пехар за Светски шампион.
Малдини за Кориере дела Сера раскажал дека не знае како се заразил со вирусот. Со ведар дух зборува за глобалната пандемија.
„Прилично сум добар, уште кашлам и тоа суво, како што слушаш. Изгубив вкус и мирис, но не е како обичен грип, силно притиска во градите“, вели Малдини и додава:
„Го познавам своето тело, еден спортист се знае себеси. Нов вирус е, организмот се бори против непознат непријател. Болките се прилично силни. Какви симптоми имам? Па болки во зглобовите и мускулите. Температура до кај 38,5 степени. Се лекувам со парацетамол. Не земав други лекови зошто уште немав никакви респираторни потешкотии.
ТЕШКО Е КОГА СЕ ИЗОЛИРАШ ОД ФАМИЛИЈА
„Жена ми долго време имаше сезонски грип, три недели беше во кревет. Прво се разболе и нашиот прв син Кристијан (23) кој живее со нас, имаше јак грип уште на средината од февруари. Тој можеби помина најлошо од сите во фамилија.
Тестирањата за коронавирус? Дојдоа доктори од Asl (Azienda sanitaria locale) со ракавици и маски. Тоа беше минатиот вторник. После два дена ни кажаа дека сме позитивни со Даниел.
Првите симптоми јас ги имав на 5. март во четврток. Прво не можев да ги правам тестовите зошто имав исти симптоми како сезонски грип. После открив дека еден другар со кој се видов на 23 февруари бил позитивен како и уште еден друг човек кој работеше со мене. Не знаеме кој го почнал ланецот.
Во Милан водиме сериозна сметка за здравјето, имаме многу ресурси зошто сме поврзани со клиниката Сан Рафаеле, но одлучивме да се држиме до мерките и советите од нашиот град, од нашиот регион“.
И син му Даниел е позитивен на коронавирус:
„Има болки и температура. Веќе знаев дека го има вирусот. Кристијан и жена ми се тестираа и беа негативни, но сигурен сум дека дури и тие го префатиле и прележале вирусот. Јас чувствував дека не е обичен грип и плус се вакцинирав за сезонски грип. Еден мој пријател имаше респираторни проблеми, го хоспитализираа во болница во Лењано, не спие, има кошмари“.
Паоло Малдини веќе 18 дена е со семејството во изолација.
„Многу е тешко да успееш да се изолираш од се. Се обидуваме да држиме растојание. Секој спие во своја соба, но ручаме и вечераме сите заедно. Ова искуство не обедини.
Малдини во текот на интервјуто за Кориере дела Сера вели дека немал блиски контакти со ниеден играч на Милан.
„Не сум ги видел 14 дена. Никој од нив не е позитивен“.
На прашањето дали фудбалот требаше да прекине уште порано, вели:
„Да. Со самото тоа што се играше пред празни трибини е грубо и за играчите и за навивачите. Тоа што ја играа Ливерпул - Атлетико со гледачи и тоа со 4.000 гостински навивачи од Мадрид за кој веќе се знаеше дека е жариште, беше лудост“.
Малдини не е баш оптимист за понатаму.
„Првенството (Серија А) ќе има своја разврска само не можеме да кажеме кога. Во фудбалот не е можно да играш, ниту да тренираш без контакт. Нема за два дена да пројде овој вирус. Сите фудбалери треба да имаат време да се вратат и да тренираат“.
За Олимписките Игри кои во вторникот ги одложија за 2021, Малдини вели:
„Секако ќе бидат одложени. Денес не може да се направат селекции, нема да може да се спремаат спортисти кога здравјето и животот се најважни“.
ИТАЛИЈАНЦИТЕ ДОБРО СЕ ОДНЕСУВААТ, МИЛАНО ЌЕ СЕ КРЕНЕ
Паоло успева да работи од дома како и многу други луѓе ширум светот.
„Технологиите помагаат, имавме конференциски видео повик со Лигата. Еве пред некој ден брат ми славеше 50 години и прославивме онлајн.
Милано ќе се крене, навикнат е да станува. Но не чека многу тежок период и политиката мора да направи многу повеќе. Верувам дека Италијанците имаат многу добар пристап. Имаме маани, но во мака не сме егоисти, помисли на лекарите кои се нудат да помогнат волонтерски. Мислиме дека сме полоши од странците, но не е така. Подобра да направиш залиха од храна отколку со оружје како во Америка.
Колку ќе нè смени епидемијава? Па чувствителните лица ќе ги преиспитаат односите. Работи кои ни изгледаа заборавени, како вечера со пријателите и да гушнете некој сакан, сега најмногу ни фалат и утре ќе ги цениме повеќе“.