Мајсторијата на Милинковиќ со која го сруши рекордот на Пандев во Лацио

14 години беа потребни некој да ја симне нашата легенда од тронот на Лацио по број на голови во конкуренција на странски фудбалери.

Лацио ја совлада Монца со 0:2, првиот гол го постигна ветеранот Педро, а вториот е дело на Сергеј Милинковиќ Савиќ кој го урна рекордерот на Горан Пандев на листата на најдобри стрелци меѓу странците.

За српскиот ас ова е гол број 65 во дресот на Лацио, а Пандев има 64 и од 2009-та беше на врвот меѓу странците. Трет е Мирослав Клосе со 63.

Инаку со овој гол, Милинковиќ се искачи на 10-та позиција на вечната листа на стрелци, каде лидер е неприкосновениот Чиро Имобиле со 193 погодоци.

СМС и Пандев имаат повеќе постигнати голови не само од легенда како Клосе, туку зад нив се и имиња како Казираги, Инѕаги, Недвед, Креспо, Салас...

Српскиот репрезентативец сезонава има 5 гола и 8 асистенции во Серија А и плус 2 во Лига Европа.

Инаку Лацио е во одлична серија од 5 победи и едно реми и со 19 примени голови ја има втората најдобра одбрана во топ 5 лигите во Европа заедно со Њукасл и Атлетико. Само Барса е поцврста од нив со 9 примени голови. 

На гостувањето против Монца рекорд одбележа и голманот Проведел со 17 меча без примен гол, нешто што не му успеало на никој кај бјанкочелестите, па дури ни кај Маркеџани и Перуци.

На 10 кола до крај во Серија А, трката за ЛШ ќе биде пеколно тешка и неизвесна. Јувентус е на -6 до четвртата позиција, што значи шест екипи се во битка за трите позиции.

 

3 април 2023 - 11:24