УПРАВАТА НА ЛАЦИО НЕ ГО ПРИЗНАВА ВИРУСОТ
Главниот доктор во екипата, Иво Пулчини, изморен од сите нагаѓања рекол:
„Да се сметаат сите позитивни за болни е преувеличување. Ако немате симптоми и сте спортист, јас ве проверувам и дозволувам да играте. Секогаш бев против карантин. Ова е прост вирус. Вистина е дека со вирусот манипулираа во пролетта, но исто е и вистина дека во тој период се смени 33 пати, смалена му е агресивноста. Поради тоа треба помалку да се плашиме. Според мене коронавирусот умира“.
На иста линија е и контроверзниот претседател Клаудио Лотито:
„Што значи позитивен? Заразен а? Па дури и во вагините на сите жени во светот има бактерии. Но не сите од нив се патогени. Само некои од нив предизвикуваат заболувања“
Здравјето е право на секој, ние не сакаме да имаме лични привилегии. Дури и Игли Таре има позитивен тест. Проблемот е во тоа што дури и вашиот тест да биде позитивен, никој не ви кажува дали сте заразен или не - има нејасна интерпретација на резултатите.
Она што побарав од Гравина (претседателот на Фудбалската федерација на Италија) е да се користи една структура на тестови за сите, за да ни дадат еднакви параметри. Ја предложив FederLab Italia која работи во Серија Ц“.
Чудните работи со вирусот продолжуваат во Лацио.
Сè почна уште од мечот со Бриж минатата недела кога во Белгија не полетаа 12 играчи затоа што не биле негативни на тестовите во лабораторијата SynLab која е сертифицирана од УЕФА.
После една недела приказната се повтори - во Русија не отпатуваа 5 првотимци (Стракоша, Имобиле, Леива, Лаѕари и Луис Алберто), како и резервистот Андерсон.
Во меѓувреме сите овие играчи комотно играа во Серија А. Како?
Одговорот е прост: во една недела од 26 октомври до 2 ноември неколку играчи биле позитивни на тестови во SynLab, но биле негативни во лабораторијата во градот Авелино која е одобрена од италијанската фудбалска федерација и која ги тестира сите фудбалери од Серија А пред мечевите.
После пак биле позитивни во SynLab и така до недоглед.
За да ја смират јавноста, во клубот решиле да ги подвргнат играчите на нови тестови. Но не во Авилено, туку во Биомедицинскиот кампус во Рим. И на тројца играчи им дијагностицирале ковид.
Во Лацио не ги објавиле позитивните.
И кога целата сага изгледаше завршена, пак се направи циркус. Во петокот наутро играчите одново биле тестирани во лабораторијата во Авелино и сите тестови биле негативни.
Тоа значи дека дури и оние фудбалери кои биле позитивни во лабораторијата во Рим ќе може без проблем да играат против Јувентус во дербито во недела? За тоа ќе одлучи италијанската фудбалска федерација.
Серија А веќе сфати дека вака веќе не оди. Лигата бара нови решенија. Сакаат по примерот на УЕФА да воведат централизиран систем - една единствена лабораторија за сите екипи со исти процедури на анализа. Пред летниот рестарт на фудбалот во Италија клубовите одбија ваква идеја поради зошто би имале поголеми трошоци.