УЕФА размислува за радикални промени во интернационалниот фудбал со кои неинтересните меѓународни пријателски натпревари би биле заменети со Лига на нации.
Според сè уште непотврдените информации, концептот на УЕФА е во термините за одигрување на интернационални пријателски натпревари да играат дуели од нова лига на репрезентации.
Идејата за оформување на ваква лига доаѓа по сè почестите критики за неинтересните квалификациски натпревари за Европското првенство, како и слабиот квалитет на самото континентално натпреварување кое ќе биде проширено на 24 учесници.
Репрезентациите би биле поделени во неколку дивизии според квалитетот, а ќе има и промоција во повисок и испаѓање во понизок ранг. Според еден од предложените формати, во највисокиот ранг би играле 12 репрезентации поделени во четири групи од по три тима. Првопласираните екипи од четирите групи би играле во полуфинале.
Новата „Лига на нации" би стартувала по завршувањето на Светското првенство во Русија во 2018-та година, а за оформувањето на оваа лига најверојатно ќе се дискутира на конгресот на УЕФА кој ќе се одржи на 27 март во Казахстан.