За помладите генерации можеби не, но Алфредо ди Стефано е едно од најпознатите имиња на долгата листа на фудбалери кои никогаш не играле на Светските првенства. Легендата на Реал Мадрид на два пати беше прогласуван за најдобар фудбалер во Европа и пет пати го освои Купот на шампионите. Тој играше дури за три репрезентации, Аргентина, Колумбија и Шпанија, но со ниту една не настапи на Мундијал.
Ди Стефано не играше на СП 1950 затоа што Аргентинците го бојкотираа ова натпреварување, а четири години подоцна не се квалификуваа. Репрезентацијата на Шпанија ја одведе до Мундијалот во 1962-та година, но не настапи на натпреварувањето заради повреда.
Рајан Гигс со Манчестер Јунајтед рушеше рекорди во Премиер лигата и Лигата на шампиони, но репрезентацијата на Велс никогаш не ги мина квалификациите. Иста судбина најверојатно го чека и Герет Бејл, а во минатото тоа беа Џон Тошак, Марк Хјуз, Јан Раш...
Истото му се случи и на Џорџ Бест кој беше еден од најдобрите фудбалери во 60-те и 70-те години од минатиот век, но Северна Ирска тогаш не успеваше да се квалификува.
Имаше и такви кои од различни причини или заради недоразбирање со селекторите не настапија на Светските првенства. Еден од нив е и Ерик Кантона. Познатиот „Бунтовник" се пензионираше од репрезентацијата на 31-година, само една година пред Франција да се искачи на тронот на СП 1998. Пред тоа Франција не успеа да се пласира во САД 1994 и Италија 1990.
Андреј Канчелскис не сакаше да игра во 1994-та година под водство на селекторот Павел Садирин, а Бернд Шустер се скара со челниците на Фудбалската федерација на Германија и ја заврши репрезентативната кариера уште на 24 години.
Среќа немаа ниту две африкански легенди. Абеди Пеле кој три пати беше прогласуван за најдобар фудбалер во Африка, но со репрезентацијата на Гана не успеа да помине пет квалификациски циклуси. Истата судбина ја имаше и напаѓачот на Либерија, Жорж Веа кој беше дури и најдобар фудбалер на светот.