44 години работи како тренер и има 35 трофеи. Потрофеен од него е само Алекс Фергусон. И после тој тренерски стаж во Романија, Италија, Турција, Украина и Русија и после сите успеси и возраста која ја има, уште има желба за тренирање.
Вели не поради пари, туку поради страста за победи која сè уште ја чувствува. Мирчеа Луческу е вистински учител меѓу тренерите кој се обидува да ги учи играчите на животни вредности. На 3 ноември си замина од Динамо Киев.
Луческу, што се случи?
Добро почнавме, бевме на +6 од Шахтјор, потоа за еден месец останав без десетина играчи, странците, плус најдобрите Украинци. Останавме само со младите и така го земавме Јармоленко, единствен ветеран меѓу многу млади играчи, кој по неколку натпревари се повреди.
Но вие секогаш сте правеле чуда со младите?
Да, но фудбалот е конкуренција, на сите нивоа. Натпревар со противникот за да победиш. Натпревар со топка да се подобриш. Натпревар со својата слика на терен, за да остави секогашш подобра. Натпревар со соиграчот за место во тимот. А оваа конкуренција повеќе не постоеше во Динамо.
И потоа?
И потоа нашите играчи не можеа да го издржат притисокот, војната, постојаното одење од еден стадион на друг. Ги демотивираше и играњето без публика. Почнавме да губиме серија натпревари за еден гол, не поради тоа што игравме лошо, туку поради индивидуални грешки. Сфатив дека треба да сменам нешто и решив да си заминам. Некој мораше да преземе одговорност и се додека бев јас таму, одговорноста беше моја. Решив да се жртвувам за да ги натерам играчите да сфатат дека можат повеќе, да им помогнам да излезат од таа ментална блокада. Не е лесно да се донесе ваква одлука, потребна е храброст.
Беше тешко?
Ништо не и кажав на управата, бидејќи ќе ме спречеа. Отидов директно во прес салата, но никогаш не реков дека се повлекувам од фудбалот. Претседателот беше разочаран, го разбирам, клубот има огромни трошоци, без приходи. Во соблекувална ги гушкав сите еден по еден, исто како што направив во Шахтјор. Многу ми беше тешко, пола од нив јас ги израснав. Се жртвував, три години живеев во спортскиот центар. Знаете зошто го направив тоа? Затоа што фудбалот мора да продолжи, тој е многу важен елемент во нашето општество.
Што направивте кога бомбите тропнаа на вратите на Киев?
Првата работа, додека Русите напаѓаа, беше да се погрижам семејствата на играчите, особено странците, да можат безбедно да ја напуштат земјата. Потоа организирав еден вид турнир за мир, пријателски натпревари низ цела Европа, како што направи Шахтјор. Беше корисно за играчите да бидат во форма и да играат, а нашето движење да испрати порака“.
Фудбалот продолжува во Украина, но без публика. Дали можеше да се направи поинаку?
Не верувам. Во одреден момент се размислуваше да продолжиме во странство, но јас не се согласив. Треба да играме во Украина, да покажеме дека животот продолжува и во најтешките моменти. Но, правилно е да се игра без публика, не знаеш што може да се случи.
Кој беше најтешкиот момент да се издржи во овој пекол?
Пред секој натпревар се пее химната, а потоа се посветува минута молчење за жртвите. А таа минута е најтешка. Ти поминуваат низ глава мртвите, вревата од бомбите, децата бегалци, луѓе кои ги изгубиле домовите или рацете, нозете. Не се издржува, тоа е многу тешка, потресна мисла. И за жал војната е како ветер, светот не е способен да ја запре. Се плашам од помислата за тоа што се случува меѓу Израел и Палестина...
Во недоразбирањето околу вашето повлекување, имаше и една позитивна работа, а тоа е бранот на наклонетост на најмалку три генерации кои ги трениравте.
Тоа е доказ дека тоа што го сакав добро го направив. Јас тие момци ги образував, не само што ги тренирав. Ако растеш како маж, уште подобро играш фудбал, а јас секогаш се трудев да им овозможат животни исксутва, не само спортски. Почнав во Хунедоара, првиот металуршки центар во Романија, каде ги носев играчите во индустриите каде што се обработува металот. На нив во главата им е само топката, ама треба да ги видат и местата каде на нивните родители и браќа им паѓа кичма од работа. Во Шахтјор влеговме во рудниците, над 500 метри под земја, за да го живееме животот барем на една минута, на оние кои потоа ќе навиваат за нас во недела.
И Бразилците ги носевте?
Се разбира, и не само таму. Ден пред мечот во Глазгов организирав посета на средновековен музеј и само што влегоа почнаа да го бараат излезот. Јас ги враќав назад.
Како наставник во училиште.
Нема гостување кое не ја искористив можноста да ги запознаам играчите со местото во кое играа, на моја сметка. Во Парма на пример, ги однесов сите во фабрика за пршута. Имаат среќа што се бават со работа која ги носи насекаде низ светот, ама не може да гледаат само стадиони и хотели. Утре ќе те праша дома детето или внукот, што сте виделе во Рим, Париз, Барселона и што ќе му кажете? Многу тренери се толку фиксирани на фудбалот што целосно забораваат на човечката страна.
Знаете дека токму за ова се зборуваше неодамна во Италија. Слушнавте ли за играчите вклучени во истраги за нелегално обложување?
Млад човек кој заработува многу, често е опкружен со луѓе кои сакаат да го искористат. Затоа е многу важен едукативниот дел на тренерот, исто така и пред сè да има подобри играчи. Читам секакви работи, не само во Италија: обложување, злоупотреба на супстанции, сексуално насилство и мислам дека вината е делумно и кај оние што тренираат. И не зборувам за клубот и управата, туку за тренерите. Поминуваат 4-5 часа дневно заедно, работат заедно, разговараат и не можат, а да не забележат дека нешто не е во ред. А ако играчите имаат проблем, на крајот целиот фудбал го има проблемот.
Вие исто така повикувавте да се венчаат порано.
Создавањето на семејна единица е важно за кариерата да заживее. Не мора да го правите тоа за да ставите убава фотографија во дневната соба, туку да имате деца, да чувствувате одговорност. Ако имате убаво семејство околу вас, ќе направите сè за да донесете дома не само пари, туку и насмевка. На моите играчи им ги давам секогаш примерите на Кројф и Бекенбауер. Тие станаа шампиони рано затоа што рано се венчаа и станаа мажи порано. Љубовта е онаа што почнува кога сте млад и трае вечно.
Вие кога се женевте?
На 21 година. Исто како и син ми, а потоа и неговите деца. Сега имам пет правнуци за растење.
Каков тим посакувате сега?
Не размислувам на тоа. Не зависи каде одите, туку како ви е таму. Некој може да го земе Реал Мадрид во лоша ситуација, да биде исвиркан и да се чувствува лошо или пак да оди во трета лига, да им помогне на играчите да растат и да се чувствува како во рајот. Не гледам во парите, туку би сакал да работам за да можам да победувам и ќе го најдам патот. Сè уште ја имам страста и тоа е најважното нешто за еден човек. Кога ќе исчезне секоја надеж, страст е таа што ве одржува.