Францускиот дневен весник Ле Монд отворено го критикуваше Лацио за дизајнот на новиот црн дрес кој Римјаните ќе го промовираат во Лигата на Европа. Според Ле Монд, дресот многу потсеќа на времето на црните кошули и на фашистичка Италија.
Статијата која што се појави на веб изданието на Ле Монд носи наслов: „Лацио ќе игра во црни кошули“. Ле Монд во текстот го споредува дресот на Лацио со кошулите кои ги носеле припадниците на Национал-фашистичката партија на Италија во времето од 1920 до 1930 година.
„Со ваков дрес Паоло Ди Канио би сакал да се пензионира. Лацио и онака има лоша репутација во врска нео-фашистите на Курва Норд (Северната трибина). Мора да кажеме дека во Италија, дресов има јасен историски призвук“, додава новинарот Абел Метре.
Како одговор на овие обвинувања, главниот човек на маркетингот на Лацио, Марко Каниџани објави соопштение во кое клубот се чуди на овие обвинувања.
„Збунети сме. Црната боја беше единствена која можевме да ја искористиме во Европа, затоа што УЕФА го смета орелот на дресот како реклама. Во процесот на дизајнирање, ние доставивме 20 тест дресови до УЕФА пред тие конечно да одлучат кој е прифатлив. Со задоволство би играле во дресот кој го носевме лани, но не е можено поради процедурата на УЕФА за лого стандардите и димензиите кои не се дозволени. Нападите се апсурдни“, пишува во соопштението.
Лацијалите во секој случај се надеваат дека контроверзниот дрес ќе им донесе повеќе среќа во Лига Европа, отколку дресот со кој играа против Баер Леверкузен и загубија 3-0.