По серијата лоши резултати, се мрда клупата на Пипо Инзаги, иако тој тврди дека има поддршка од претседателот Силвио Берлускони.
„Има цела недела како претседателот ми се јавува по два пати на ден и сигурен сум дека неговата и поддршката од управата ќе ни помогнат да го пребродиме овој тежок период“, вели Инзаги за Газета дело Спорт.
Некогашната 9-ка, а сега тренер на росонерите ја почна кариерата токму против Лацио кога на 31. август Милан победи 3:1. Сепак, тоа е друга приказна, затоа што Лацио сега под водство на Стефано Пиоли го гледа Милан од горе со 5 бодови предност.
„Дали се пресудни дуелите со Лацио? Сите се пресудни, не само против Лацио. Нè очекуваат тешки, но во исто време убаво дерби средби. Ништо не е страшно како што се претставува, момците тренираа добро и сакам да гледам што се случува само на теренот. Утре мора на теренот да покажеме за што сме, а разговорите не значат многу“, сигурно резонира Инзаги пред Лацио на Олимпико.
Меѓу 22 кандидати на Милан за гостувањето во Рим е и Шпанецот Сусо, кој минатата недела потпиша за Милан.
„Одличен техничар е и не треба да брза никаде. Многу е важно што дојде пред јуни, така ќе може побрзо да се навикне на играта. Полека ќе го внесувам во игра“, констатираше Инзаги.
На својот Твитер налог, Милан соопшти дека за дуелот против Лацио ќе конкурираат: Абијати, Агаци, Диего Лопез, Абате, Албертаци, Алекс, Армеро, Мексес, Ѕакардо, Де Сантис, Калабрија, Бонавентура, Есиен, Монтоливо, Мунтари, Поли, Ван Хинкел, Сусо, Черчи, Ел Шарави, Менез, Пацини.