
Дејан Кулушевски по одличните партии во Јувентус направи голем трансфер во Тотенхем и сега го сочинува сјајното трио Сон-Кејн-Кулушевски кое сезонава ги води Спарс.
Тотенхем игра топло-ладно, од подеми до големи падови, па така веќе испаднаа од англиските купови, а во Премиер лига Ливерпул сериозно им дише во врат за 4-то место кое од септември води во Лига на шампиони.
Пред мечот со Милан, Кулушевски раскажал како тој ја доживувал Лига на шампиони како помал:
„Вторници и среди, девет часот во Шведска. Секогаш бев таму со пуканки и со семејството ги гледавме екипите, ги гледавме најдобрите играчи на светот“.
За моментот кој посебно ги израдувал него и семејството, кога Горан Пандев даде епски гол против Баерн Минхен со кој Интер го пројде германскиот гигант, вели:
„Мое најомилено сеќавање од Лига на шампиони е кога Горан Пандев даде гол за Интер против Баерн Минхен во последни секунди. Се сеќавам колку бевме горди јас и мојата фамилија, знаете тој е Македонец од каде што сум и јас, па така бевме толку горди што тој даде толку важен гол и тоа беше големо нешто“.
Кулушевски и самиот сега настапува во елитната Лига на шампиони и ќе се обиде да му помогне на Тотенхем да го помине Милан за влез во четвртфинале.