Што се случи со Валбуена?
Точната содржина сè уште е тајна. Извесно е дека првообвинетиот Аксел дошол до стариот мобилен телефон на Валбуена каде што го нашол видеото во кое учествувале млади девојки.
Признал ли Бензема дека е виновен?
Не. Според Асошиејтед франс прес, Бензема на суд изјавил дека има врска со целата приказна, но дека само интервенирал на барање на еден негов другар од детството кој на крај се испоставил дека е член на криминална дружина.
Адвокатот на Бензема, Силван Кормие изјавил: „Карим се изјасни за невин и ништо не призна. Изненаден сум од полицијата која дава дезинформации дека Бензема признал дека е виновен. Исто е чудно што полицијата не го испрашала Валбуена. Ние сме бесни на озборувањата".
Што решил судот?
По главниот претрес, судот решил дека Бензема е обвинет за вмешаност во уцена и учество во криминална група. Исто така, забранет му е секаков контакт со оштетениот Валбуена. Благодарение на адвокатскиот тим, Бензема успеал да се ослободи со помош на парична гаранција. Во четвртокот вечерта, шпицот на Реал Мадрид ја напуштил Франција и се состанал со претседателот на клубот Флорентино Перез. Зад решетки Французинот поминал нешто повеќе од еден ден.
Што му се заканува на Бензема?
Ако се докаже дека е виновен, Карим ќе се соочи со затворска казна во должина од пет години и парична казна од 75.000 евра. Во случај да го прогласат за крив во блиска иднина, Бензема би можел да загуби богати спонзорски договори.
Кога имал скандал со нарко картели?
Во меѓувреме се појави приказна според која Бензема е вклучен во случај со високо профилна трговија со дрога, а полициската акција која се занимава со случајот е наречена Еир Кокаин (Air Cocaine).
Карим се сомничи дека бил во близок контакт со лице кое плаќало трансатлантски летови од Доминиканска Република и Еквадор во Европа за превоз на кокаин. На 6. октомври 2014 година, во Франција беа уапсени 8 лица кај кои биле најдени 400 килограми кокаин. Во домот на првиот осомничен Али Бушареб била најдена негова фотографија со Бензема и чизми со потписот на фудбалерот.
Што се случува со жртвата на уцените, Метју Валбуена?
Еден од подобрите фудбалери во француската лига и репрезентација во четвртокот стигнал во базата на Лион, но не излегол на тренинг со првиот тим. Го откажал интервјуто за локалната телевизија и ја напуштил базата со темни наочари за сонце.