Креативниот гениј на Арсенал

Ако некој во изминативе години во Премиер лигата најдобро знае да дели топки со очи, тоа дефинитивно е Месут Озил. Човекот со право синоќа си ја зема топката дома и еве ќе речеме дека и со право бара покачување на платата.

Статистиките на Opta излегоа со податоци кои се доказ дека Озил е еден од најдобрите плејмејкери во светот. 2015-та ја заврши како рекордер во Премиер лигата со 20 асистенции во една календарска година со што го урна рекордот на Анри од 2003-та.

Сега зад неговото име стојат уште две фантастични достигнувања кои ја поткрепуваат неговата интелигенција и способност за позиција на која игра. Германскиот плејмејкер од септември 2013-та до денес е рекордер по број на асистенции и рекордер по број на креирани шанси во конкуренција на играчите од среден ред.

Неговиот договор и оној на Алексис Санчез истекуваат во 2018 година, а според пишувањата на англиските медиуми ова водечко дуо на Арсенал за продолжување на договорите бара неделна плата од 250.000 фунти.

„Мислам дека ваквите играчи може малку да го тргнат финансискиот аспект на играта бидејќи тие не се сиромашни и треба навистина да гледаат на страната на фудбалот“, смета Арсен Венгер.

Коментар за нив двајца синоќа имаше и Рој Кин како стручно тв лице.

„Да го задржат Озил е од витално значење за клубот и мислам дека тоа ќе им помогне да освојуваат трофеи, се разбира големи трофеи како Премиер лигата и Лига на шампиони. Ако си заминат Озил и Санчез тоа ќе биде катастрофа“, смета легендата на Манчестер Јунајтед.

Специјалистот за асистенции може да се пофали со само 18 голови во последниве три години во Премиер лигата, но за него синоќешниот меч против Лудогорец беше посебен бидејќи стигна до првиот хет-трик во кариерата.

Внимавајте како ја прими при првиот гол

Како Озил синоќа си ја однесе топката дома

Ако некој се сомнева во неговите квалитети клик тука

20 октомври 2016 - 11:16