Макормак деновиве стана нов играч на Астон Вила која на Фулам за трансферот му исплати 14 милиони евра. Неговиот трансфер предизвика разни реакции на островот и некои го сметаат за најлуд трансфер ова лето.
„Да се даде толкава сум на пари за играч кој има 30 години, кој ниту играл и ниту постигнал гол во прва лига е лудило“, искоментира поранешниот фудбалер на Манчестер Сити, Дарен Хакерби.
За Роберто ди Матео тоа е одличен трансфер во неговиот клуб кој сезонава испадна во Чемпионшип.
„Воодушевен сум што дојде кај нас. Се работи за играч со многу искуство и одличен голгетерски учинок“, вели тренерот на Астон Вила.
Изјавата на италијанскиот стратег држи вода, бидејќи шкотскиот напаѓач постигна 42 гола само во последните две сезони за Фулам.
Во Англија има вкупен стаж од 8 години од кои три беше во Кардиф каде постигна 30 гола и 4 во Лидс каде запиша 58 гола. Астон Вила за него е четврта дестинација во англискиот фудбал, но во сите овие клубови заигра додека беа во втора лига.
Елитно натпреварување Рос има почувствувано само во Шкотска каде играше кусо време во Ренџерс, каде има само 14 настапи и 4 гола во вкупно три сезони. Пред да замине за Англија играше две сезони во Монтервел.
Фулам го купи Макормак од Лидс за 12 милиони евра, а од Астон Вила за него доби 14 милиони евра. Вкупната сума од сите негови трансфери чини 30 милиони евра, што е реткост, а можеби единствен случај во англискиот второлигашки фудбал.