Крај на уште една фина приказна - Робен и Рибери со титула си одат од Баерн

Познати под прекарот Робери (Робен и Рибери), холандскиот и францускиот фудбалер одбележаа една трофејна ера во германскиот гигант. Навивачите се навикнаа на овие двајца мајстори на фудбалот, па тешко ќе им биде да го гледаат Баерн без нив.

Во последното, 34. коло од германската Бундеслига, Баерн со 5-1 го згроми Ајнтрахт Франкфурт и 7-ми пат по ред ја освои шампионската титула во Германија. Со клубот се простија Робен и Рибери, двете големи легенди кои постигнаа по гол во последниот меч за Баерн.

Рибери влезе на терен во 61’ минута а после 6 минути се појави и Робен. Во 72’ минута Франк го постигна последниот гол во дресот на Баерн и заплака од среќа (или тага што заминува).

Робен исто со гол се прости од својот најомилен дрес. Во 78’ минута Холанѓанецот ги постави конечните 5:1 и прославата на титулата можеше да почне

Навивачите преку прекрасен перформанс потсетија на првиот заеднички натпревар на овие две легенди, кога Робен дебитираше против Волсфбург и постигна два прекрасни гола на две асистенции на Рибери.

„Кога Арјен истрча на терен на својот прв меч за Баерн против Волфсбург, веднаш почствував дека сме некако поврзани. Одлично игравме заедно и освоивме многу трофеи“, рекол Франк Рибери за играњето со Робен во иста екипа.

Баерн Минхен неодамна објави дека Франк Рибери (36) ќе го напушти клубот по крајот на сезоната, а набрзо потоа исто соопштение имаа и за Арјен Робен (35). Епохата „Робери“ дојде до крајот и веќе никогаш нема да ги гледаме во дресот на Баварците.

„Да се носи овој дрес е чудесно. Секогаш сакав да направам се за после натпреварот дресот да се кваси од пот. Навивачите на Баерн знаат дека во овие 12 години бев чесен и искрен со нив. Секогаш имавме добар однос“, вели Рибери за својата долга кариера во Баерн.

На крајот, после цели 12 години во Минхен, статистиката на Франк Рибери во Баерн изгледа вака:

- 423 меча
- 123 гола
- 183 асистенции
- 23 трофеи
- 12 сезони

Благодарност од навивачите на нивниот мајчин јазик добија сите тројца кои заминуваат од клубот после долги години: Робен, Бразилецот Рафиња и Рибери:

ФРАНК РИБЕРИ СТАНА ПРВИОТ ФУДБАЛЕР ВО ИСТОРИЈАТА НА ГЕРМАНСКАТА БУНДЕСЛИГА СО ДУРИ 9 ШАМПИОНСКИ ТИТУЛИ.

(зад него останаа Мехмет Шол, Оливер Кан, Бастијан Швајштангер, Давид Алаба, Томас Милер и Арјен Робен)

РОБЕН - НЕЗГОДЕН КАРАКТЕР И НЕЗГОДНО КРИЛО

Две години по сензационалниот трансфер на Франк Рибери во клубот, Баерн потроши уште 25 милиони евра за Арјен Робен кој дојде од Реал Мадрид. Така во 2009 година почна епохата „Робери“.

Пред да дојде во Минхен Арјен Робен играше во Гронинген, ПСВ Ајндховен, Челси и Реал Мадрид, но ниту во еден клуб не се задржа така долго. Поради редовни повреди тој не играше често ни во Челси ни во Реал, а мирот си го најде во Минхен.

Неговиот маестрален и уникатен премин од десно крило кон центарот уште долго ќе се врти по хајлајтсите:

Робен, како и Рибери е човек со не баш едноставен карактер. Двајцата важеа за играчи со незгодни карактерни црти. „Робери“ неретко влегуваа во конфликт еден со друг или со соиграчите.

Во 2012 година Французинот и Холанѓанецот се степале во соблекувална после мечот со Реал Мадрид. За својот 10-годишен престој во Минхен, Робен се скарал еднаш и со спокојниот Филип Лам како и со мирниот Томас Милер.

„Дискусијата на терен е корисна, но не треба да се гестикулира со раце, тоа е непочит кон соиграчите. Ние мора да бидеме пример а не да правиме тешка ситуација. Такви работи се случуваат одвреме-навреме на теренот. Губиме заедно и победуваме заедно“, рекол Робен за конфликтот со Томас Милер во 2011 година.

Робен никогаш не можеше да го обузда својот карактер. Некако најдобро со него соработуваше Јуп Хајнкес кој успеа да го убеди Холанѓанецот да ги стави амбициите на клубот пред своите.

Во 2013 година во финалето на ЛШ, во последните моменти од мечот „Мистер Вембли“ како го завикаа Арјен, го постигна победничкиот гол во мрежата на Борусија Дортмунд.

После цели 12 години Робен му ја донесе толку посакуваната титула на Баерн Минхен:

Статистиката на Арјен Робен во Баерн Минхен:

- 10 сезони
- 307 меча
- 143 гола
- 101 асистенција
- 19 трофеи

Робен и Рибери нема да ги завршат своите играчки кариери. Обајцата планираат уште неколку години да играат на професионално ниво, но во други првенства - за нив се интересираат многу американски, канадски, холандски, турски, австралиски, кинески и арапски клубови.

Крајот на епохата „Робери“ е уште еден доказ дека ништо на светот не е вечно и дека доаѓа време кога треба да им се даде простор на помладите. Сезонава поради повреди Арјен Робен пропушти речиси пола година. Предминатата сабота тој се врати на теренот после цели 158 дена пауза поради повреда.

Слично е и со Рибери кој често сезонава не можеше да се појави на теренот поради незгодни истегнувања и ситни повреди.

Во секој случај, ваков тандем во германскиот и општо европскиот фудбал ретко кога имало. Навивачите на Баерн сега ќе чекаат некое ново дуо да им носи пехари и трофеи како што тоа го правеа „Робери“.

Двајцата заедно учествуваа во освојувањето на: 8 титули во Бундес, 4 Купа на Германија, 5 Суперкупа, Лига на шампиони, Суперкуп на УЕФА како и Светско клупско првенство.

20 мај 2019 - 12:29