Иако дерби пресметката му беше доделена на најдобриот италијански арбитар Никола Рицоли кој минатата недела беше критикуван за исклучувањето на голманот на Арсенал во дуелот со Баерн Минхен од ЛШ, реакциите за неговите очигледни грешки не стивнуваат во медиумите на чизмата.
Првата и најголема беше стартот на Пирло врз Омар Ел Кадури за кој на Торино не му беше свирнат чист пенал, како и бурната реакција на Видал по која Рицоли не му додели втор жолт картон, а тоа не го стори ниту во втората прилика кога играше со рака.
Познавачите и објективните љубители на италијанскиот фудбал се запознаени со контроверзите на „Старата дама“ предводена од моќната династија Ањели, а копајќи по историјата нив ги има многу.
Најцрните денови за клубот и неговите навивачи беа оние во 2006 година кога поради големиот скандал со местење натпревари „Калчополи“ беше исфрлен во втората лига, но кога на терен се суди во нивна корист, нема исправка.
1972
Борбата за Скудетото се водеше помеѓу Јувентус и Торино. На натпреварот во Џенова помеѓу Сампдорија и Торино гостите постигнаа чист гол кој им беше поништен. На гол линијата стоеше дефанзивецот и денеска славниот Марчело Липи кој ја одби топката откако влезе во гол. Погодокот го постигна Алди Агропи кој и денеска ја споменува таа ситуција. На крајот титулата ја освои Јувентус со еден бод повеќе од градскиот ривал.
1981
На три кола до крајот на сезоната во ситуација кога „Старата дама“ имаше еден бод предност пред Рома, нивната пресметка беше клучна за врвот на табелата. Гостите преку Рамон Туроне успеаа да постигнат гол кој беше поништен поради сомнителна офсајд ситуација. Мечот заврши без голови, а тимот од Рим ги загуби надежите за титулата која отиде во рацете на Јувентус.
1982
На само едно коло до финишот на сезоната мртвата трка за титулата се водеше помеѓу Фиорентина и Јувентус кои имаа ист број на бодови. Јуве славеше на гости против Катанзаро со гол од пенал, но контроверзниот момент се случи на Сардинија каде на „Виолетовите“ им беше поништен регуларен гол поради наводно претходен прекршок. Тој меч помеѓу Каљари и Фиорентина заврши 0:0, а титулата отиде во рацете на Јувентус.
1998
На четири кола до крајот на првенството во Серија А, Јувентус и Интер имаа директна пресметка за титулата. Откако Марк Јулијано во шеснаесетникот го фаулираше Роналдо, судијата не реагираше. Тој се реши за најстрога казна на другата страна откако Тарибо Вест го собори Дел Пјеро кој го промаши пеналот. На крајот Јувентус славеше со 1:0 и стигна до Скудетото.
2000
По две години судиската неправда за малку ќе му ја украдеше титулата и на Лацио. Скандалозниот момент се случи во претпоследното коло на мечот Парма-Јувентус кога судијата на Де Сантис му понишни чист гол на Фабио Канаваро за 1:1. Гостите славеа, но во последното коло ги стигна казна од Перуџа со 1:0. Тоа му одговараше на Лацио кој пред своја публика славеше против Реџина со што ја освои шампионската титула.
На 1:10
2012
Посвеж е примерот од пред две години на дуелот помеѓу Милан и Јувентус кои водеа битка за титулата. Очигледната грешка на судиите се случи кога на Мунтари не му беше признат гол откако топката длабоко беше влезена во голот. Тој натпревар заврши 1:1, а Јувентус на крајот од сезоната ја прослави 28 титула.