Комбинациите во последно коло за Пандев да остане во Серија А

Фудбалерите на Џенова си го искомпликуваа патот до опстанокот кој можеа да го остварат уште синоќа и сега втора година по ред треба да играат под притисок и да им го дигаат притисокот на навивачите.

Тимот каде Пандев ја заокружува својата петта сезона (вкупно 16-та во Серија А) и секоја година им помага да останат во лига, држеше добар ритам, најмногу поради формата на нашиот капитен кој на 37 години им е прв стрелец со 9 гола.

Во 34-то коло го добија Лече во директен дуел за опстанок, а потоа славеа и на градското дерби против Сампдорија. Но на последните два меча имаа страшен пад и примија 8 гола. Три дома од Интер, па пет на гости од Сасуоло.

Сега математиката е јасна и проста, а предноста на нивна страна од 1 бод. Но во последно коло ништо не се знае и тензијата е секогаш поголема. Ја пречекуваат дома Верона, која е 9-та и не брка ништо, но и Сасуоло не бркаше ништо па им акна 5 комада.

Лече е домаќин на Парма, која исто така нема мотиви за игра. Она што мора да го имаат на ум и Џенова и Лече е што се среќаваат со екипи кои ќе влезат растеретени во битка за што подобар пласман на табела.

Ова се комбинациите за двете екипи од која едната следна сезона ќе им прави друштво на Бреша и СПАЛ во Серија Б. Џенова освен бод предност е подобра и во директните дуели, што значи со евентуален ист број на бодови останува во прва лига.

ЏЕНОВА ЌЕ СЕ СПАСИ АКО:

1.Ја победи Верона

2.Одигра нерешено и Лече не ја победи Парма

3.Загуби од Верона, а Лече не ја победи Парма

ЛЕЧЕ ЌЕ СЕ СПАСИ АКО:

1.Ја победи Парма, а Џенова не ја победи Верона

Лани Пандев финишот на Емполи го гледаше на мобилниот на еден навивач.

30 јули 2020 - 13:41