За 19 години, Кингсли Коман покажува сосема зрел карактер. Во спротивно не би играл досега за ПСЖ, Јувентус и Баерн Минхен каде стигна на 2-годишна позајмица вредна 15 милиони евра со право на откуп во 2017-та. Не изненадува што токму годините минати во Париз (дебитираше во сезоната 2012/2013) не му се останати во добро сеќавање. Виновен за тоа бил Златан Ибрахимовиќ, фудбалер на кој „не му е гајле за ништо“, како што раскажува Коман за германскиот Кикер:
„Мојот однос со Ибрахимовиќ во ПСЖ беше незначаен, затоа што тој не е тип на играч кој зборува со младите и им дава совети, туку мисли само за себе. Човекот е невиден егоист.“
Новинарот на Кикер го прашува Коман и за тоа што го натерало да ги спакува куферите и да тргне за Торино.
„Во ПСЖ имаше неколку кланови меѓу фудбалерите и не беше лесно да се интегрирам и да станам дел од групата. Од таа причина никогаш не се чувствувам дел од првиот тим. Таму конкуренцијата за место е огромна и сите ги интересира само едно, да станат првотимци", истакнува Коман за Кикер.
Во Баерн конкуренцијата не е ништо помала, меѓутоа Коман вели дека таму пристапот е многу полесен.
„Немам ниту еден мотив да го напуштам Баерн. Се надевам дека клубот ќе ме откупи затоа што овде ми е многу убаво и би сакал уште долго да останам".
На лето заминува Пеп Гвардиола, а доаѓа Карло Анчелоти.
„Штета што ќе си оди Гвардиола, но на негово место ќе дојде друг голем тренер. Анчелоти ја освоил Лигата на шампионите пет пати како играч и тренер и знае добро како се станува шампион", додава Коман, кој сигурно е свесен дека Ибрахимовиќ никогаш не го освоил овој пехар.