Неколку денови пред реванш мечот со Јувентус, претседателот на Баерн Минхен, Карл-Хајнц Румениге скромни забележал дека веќе им се исплати позајмицата на 19-годишниот Кингсли Коман.
„Овој тип веќе ни донесе многу радосни моменти“, изјави шефот на Баерн во едно интервју, тотално несвесен дека младиот Французин ќе му ја донесе најслатката победа во последните три години на неговиот тим кој победува како од шега.
И покрај тоа што во баварскиот гигант има пеколна конкуренција, не им престана ентузијазмот за одгледување млади ѕвезди. Вистина е дека академијата на Баерн после Давид Алаба некако послабо праќа играчи за првиот тим, но Рекордмајстер минатото лето повеќе внимаваше на играчи од други лиги отколку во својот двор.
Во август лани, Јувентус без размислување се согласи да го даде на 2-годишна позајмица францускиот бисер Кингсли Коман за кој Баерн плати 7 милиони евра со опција за откуп на договорот по завршување на позајмицата за 21 милион евра. На Гвардиола не му сметал фактот што во претходните 2 сезони Коман одиграл вкупно 26 средби, повеќето влегувал од клупата за резерви и дал само еден гол во сите натпреварувања.
„Кингсли има неверојатна дриблинг вештина. Никогаш не сум работел со играч кој на така рана возраст поседува такви способности", го правдаше својот контроверзен избор тренерот на Баерн лани.
Кингсли Коман станал татко на 17 год, стигнал и да се разведе, по што со новата девојка се пресеил во Германија.
Во Баварија Коман доби доволно време за игра за да ги покаже своите квалитети. Демонстрираше одлична физичка спрема (најбрз играч во тимот, а втор во Бундеслигата после Обамејанг), а притоа покажа и дека добро ја поднесува ротацијата на Гвардиола (се смета за најсурова на светот).
Коман имаше одлично деби за Баерн Минхен. „Не знаев дека толку ќе играм. Тоа е прекрасно, што повеќе играте имате повеќе чувство на доверба во себе. Не чувствувам никаков страв дека може да згрешам на теренот. Забележав дека соиграчите ме сакаат", изјави Французинот по дебито против Аугзбург на Алијанц Арена кога го замени Видал во 57. минута.
Кингсли Коман е роден во Париз на 13. јуни 1996 година. Почнал со фудбал во анонимниот клуб Сенар-Моиси а во 2004. година се префрла во школата на ПСЖ. Дел од парискиот клуб беше цели 9 години, а дебитираше за првиот тим во 2013-та година против Сошо кога го замени Верати.
На тој начин стана најмладиот играч во историјата на ПСЖ кој заиграл со 16 години, 8 месеци и 4 дена.
Сепак, во конкуренција на Ибрахимовиќ, Мура, Кавани, Лавеци, Пасторе и Верати, за малиот Коман немаше место, тој притоа изјави дека тимот е поделен на кланови по квалитет на играчите и Французите решија да не го продолжуваат договорот со него.
Бепе Марота го доведе во Јувентус на 7. јули 2014-та година и потпишаа 5-годишен договор. Дали Баерн ќе реши да ја искористи клаузулата во неговиот договор и да го откупи, останува да се види. По настапот од вчера со гол и асистенција, извесно е дека ќе го задржат.