Во Италија имаше еден израз „Le sette sorelle“ (Седумте сестри), кои ги сочинуваа Јувентус, Милан, Интер, Лацио, Рома заедно со Фиорентина и Парма.
Тешко просперираа во едно такво силно, тогаш многу поелитно друштво, но знаеа да им кинат бодови и да им соберат по некој Куп трофеј.
Тоа беше фудбал кој го красеа симболи кои не ги вадиме од уста и по 20 години, фудбал на лојалност, полни стадиони, фудбал кој создаде идоли. Претседателите беа заљубени во своите клубови како да им беа ќерки, а тука невозможно е да се рипнат имињата Чеки Гори и Танци, првите луѓе на Фиорентина и Парма.
Какви само дуели имаа овие две екипи во крајот на претходниот и почетокот на овој милениум. Со калибар на играчи од типот на Батистута, Толдо, Руи Коста, Едмундо, Оливеира, Турам, Буфон, Канаваро, Киеза, Верон, Алмеида, Креспо. Имиња кои се кажуваат на прва и да те разбудат во 3 по полноќ.
Немаше неизвесен натпревар меѓу овие две екипи, а така се очекува да биде и денеска од 15:00 во Фиренца. Се среќаваа и во Куп и во првенство и стално вадеа тесни резултати.
Пред точно 20 години и двете нивни соочувања во финалето од Италијанскиот Куп завршија нерешено. Првата на Тардини 1:1 со головите на Аргентинците Креспо и Батистута. Реваншот на Артемио Франки 2:2, стрелци Креспо и Ваноли за Парма, Репка и Коис за Фиорентина.
Поради гол на гости, Млекарите го подигнаа трофејот, а Малезани беше на седмо небо. Парма таа сезона го освои и Купот на УЕФА, а во првенство заврши четврта со бод помалку од Фиорентина и еден повеќе од Рома, Јуве и Удинезе. Претесна табела.
Две години подоцна, Виолетовите се одмаздија токму во финалето. Прво славеа на гости со голот на Ваноли на 3 минути до крај, а дома ремизираа 1:1, стрелци Саво Милошевиќ и Нуњо Гомез. Тоа беше првиот трофеј во деби сезоната на Манчини како тренер.