Вообичаено, од последното првенствено коло од сезоната до првиот ден од Светско има луфта од три - четири недели.
Во 2018-та на пример, финалето на Лига на шампиони се одигра на 26 мај, а Мундијалот во Русија почна на 14 дена. Од едниот до другиот настан поминаа 19 дена.
Во финале играа Реал и Ливерпул од каде 18 играчи, само од стартерите, беа учесници на Светското. Плус уште неколку кои влегоа од клупа.
Оваа година e сосема поинаква од сите претходни. Меѓу првенственото коло и стартот на Мундијалот имаше само седум дена, а некои лиги пак дури и се одржуваа во викендов кога почна Светското.
Во оваа смисла, селекцијата која пристигна со најуморни играчи или попрецизно кажано, со играчи кои сезонава имаат најголема минутажа, тоа е Германија.
26-те избраници на Флик пред Светското за своите клубови имаат одиграно вкупно 25.276 минути. Втора е Англија (25.077), а потоа следуваат Франција (23.429), Бразил (20.532), Шпанија (20.432), Португалија (18.554), Аргентина (17.666)...
Меѓу Германија и Аргентина, кои се секогаш меѓу фаворитите, има разлика од 7.610 минути.
Кимих на пример од стартот на сезоната во август има играно вкупно 1.975 минути, а Милер 969. На искусниот напаѓач на Баерн, поради повреда последниот првенствен настап му е на 30 септември и тој е најодморен, бидејќи во последниве 45 дена има одиграно само 65 минути, кои му се од ЛШ и домашен Куп.
Колку овие бројки ќе влијаат кај селекциите е рано да се каже. Мундијалското уживање ќе трае до 18 декември и допрва ќе следуваат анализи.