"Ол стар" роденденската журка ја предводи ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо кој денеска полни 28 години. Португалецот кој денеска пристигна во Гимараеш, каде утревечер ќе одигра пријателски меч против Еквадор, доби непријатна "честитка" од навивач кој го скандираше името на Меси.
На 5 февруари е родена и најголемата ѕвезда од Јужна Америка, напаѓачот Нејмар кој ќе го прослави роденденот во Англија заедно со колегите од репрезентацијата. Членот на бразилската екипа Сантос веќе слета во Лондон, каде со селекцијата на Бразил утревечер ќе одигра пријателски натпревар против Англија.
Роденденот во Лондон ќе го прослави и одбранбениот фудбалер на Хрватска, Ведран Чорлука, кој денеска полни 27 години, а утревечер го очекува пријателски натпревар на неутрален терен против репрезентацијата на Јужна Кореја. Хрватските медиуми шпекулираат дека и покрај утрешниот меч, нема да биде чудно Чорлука својот ден да си го одбележи во некој од лондонските пабови.
Две години постар од стоперот на Локомотив Москва е напаѓачот на Манчестер Сити, Карлос Тевез кој 29 роденден ќе го прослави во Шведска каде го очекува пријателска средба со селекцијата на Аргентина.
Листата од четворица активни фудбалери на кои денеска им е роденден, ја дополнуваат и неколку пензионирани играчи. Славниот Романец Ѓорѓе Хаџи (48), потоа Холанѓанецот Џовани ван Бронкорст (38), Свен Горан Ериксон (65), а највозрасен е Италијанецот Чезаре Малдини кој денеска ќе дувне 81 свеќа.