Со избувнувањата на војната во Украина, на виделина излезе позадината на средбата меѓу Владимир Путин и Диего Марадона која денеска ја пренесоа еден куп италијански медиуми.
Не дека тоа е средба од суштинско значење за планетата, туку самата тежина на овие две имиња ја прави атрактивна, што и како тоа се случило.
Последното Светско фудбалско првенство се одржа во Русија 2018-та, а пред извлекувањето на ждрепката Путин сакал да се сретне со Марадона кој отпатувал на церемонијата.
Ама не одело тоа така глатко како што тој сакал и веројатно очекувал.
Колку и да е Путин олицетворение на моќ, сепак не можел со незгодниот карактер на Диего, кој не го стануваш рано ниту за лидерот на Русија.
Тајмингот го диктирал аргентинскиот фудбалски ас и на тоа на теренот на Путин, а од тоа постои и аудио снимка во која Диего зборува во негов стил, дека од сабајле нема да може.
„Сакам да го запознаам и да разговарам со него, ама не станувам во 9:30. Не станувам. Душа ме боли затоа што сите ќе бидат таму, а тој за кого ќе праша? Да не се лажеме, за мене, не за Пујол. Ама многу рано закажал. Ако сака на коктел попладне, тогаш може, ќе облечам фустан и ќе одам. Му благодарам на Путин, но не, одлучено е“.
Средбата се одржала попладне.