Кој е Никола Рицоли?

Роден во Мирандола близу Болоња, 42 годишниот делител на правдата е вториот најдобар судија во светот за 2013 година. Неделното финале на „Маракана“ помеѓу Германија и Аргентина ќе биде прво во неговата кариера на Светските првенства.

Меѓу карактеристиките кои одликуваат една квалитетна личност често се набројува и бројот на странски јазици кои ги зборува. На почеток, секој ги набројува англискиот, францускиот и германскиот, но кога фудбалски судија од италијанското говорно подрачје ќе врати со иста мерка кога ќе го опцујат на некој од балканските јазици, тогаш тој навистина ништо не препушта на случајот.

Така, за време на дуелот од италијанското калчо, кога еден фудбалер од овие простори при една судиска одлука упатил сочни пцовки кон Рицоли, се запрепастил кога овој му вратил уште пожестоко и тоа со јасен балкански нагласок.

Ова е само една од анегдотите за секогаш строгиот Рицоли, судија кој во своето портфолио има безброј дерби натпревари во Италија, финале на првото издание од Лигата на Европа, финале од Лигата на шампионите, полуфинале на Европско првенство, а од летово и финале на еден Мундијал. Три години по ред е најдобар судија во Италија (2011, 2012, 2013).

Рицоли во неколку наврати бил делегиран да суди и дерби дуели од турското, аргентинското и мексиканското фудбалско првенство, а познат е и како судија кој ладнокрвно покажал црвен картон уште во 2. минута од натпревар.

Интересно, Узбекистанецот Рашван Ирматов бил прв фаворит за „свирчето“ во финалето, но ФИФА не се одлучила за него поради тоа што нема постојан тим на асистенти кои судат со него, а Хауард Веб не бил меѓу претендентите за последниот меч од СП, поради тоа што доаѓа од Англија која е во политички конфликт со Аргентина за Фолкландските Острови.

По Серџо Конела (Аргентина-Холандија 1978, 3-1) и Пијерлуиџи Колина (2002 Бразил-Германија 2-0), Рицоли е третиот судија кој доаѓа од  „чизмата“ што ќе суди едно финале на Светско првенство.

„Ми се оствари сонот да судам финале на Светски куп. Веќе 20 години работам како судија, а почнав на 16 години. Чувството е навистина прекрасно и оваа привилегија ја посветувам себеси и на сите кои ми помагаа сиве овие години.“- изјави Рицоли, веднаш откако ја дозна веста.

На актуелниот Мундијал во Бразил, Никола Рицоли ги судеше натпреварите Шпанија-Холандија  (1-5), Аргентина-Нигерија (3-2) и Аргентина-Белгија (1-0).

Имено, белгискиот селектор Марк Вилмотс по дуелот од 1/4 финалето кој неговата селекција го загуби од „гаучосите“ изјави како Рицоли отворено го штител Меси и секој контакт врз него го свирел како фаул.

Дали Рицоли ќе го оправда своето реноме, останува да видиме во недела кога на славната Маракана ќе се судрат Германија и Аргентина.

12 јули 2014 - 18:10