Кои се најголеми губитници откако САД не успеа да се пласира на Светско

Селекцијата на САД која на минатиот Мундијал стигна до осминафинале, не изеде само тежок срам со тоа што загуби од атусајдерот Тринидад и Тобаго и по 32 години остана без Светско, туку и ја оневозможи својата земја да сврти многу голема пара.

Точните бројки за тоа колку оваа земја сo 323 милиони жители ќе загуби поради тоа што фудбалската селекција остана без пласман на СП 2018 не се познати, но најголемите губитници се знае кои се.
 
Фокс Спорт: Веста за елиминацијата на САД доаѓа само 13 дена откако Фокс објави дека Мундијалот во Русија ќе донесе најголемо производство во 24 годишната историја на тв куќата со 350 часа програма во живо. За тв права платиле 400 милиони долари, а кој знае колку пари ќе земеле од реклами.
 
Најк: Продажбата на дресови од фудбалската репрезентација на САД не е некој голем бизнис за Најк, но колку толку се врти паричка и од тоа. Најк се обврза на нов 9 годишен договор со националниот тим кој го вклучува и Светското во Катар 2022, но спортскиот бренд ќе работи во загуба следниве 4 години.
 
Спортски барови: Кога ќе дојде време за Светско првенство, спортските локали во САД живнуваат. Се разбира дека се одреден број на натпревари, но тука има еден важен момент. САД и Русија имаат различна временска зона од 7 до 10 часа, а тоа ќе им овозможеше на баровите да отворат и да служат храна и пијалаци рано наутро кога обично не работат.
 
МЛС: Нема сомневање дека американските ѕвезди кои прикажуваат добри игри на Светските првенства, помагаат МЛС лигата да биде порелевантна. Тоа го докажува вниманието кое беше насочено кон Клинт Демпси во Сиетел Саундерс откако играше на Мундијалот во Бразил.
 
Младински фудбал: Кога учеството на младинскиот фудбал во 2014-та порасна за 9 проценти една од причините за растот беше возбудата што ја предизвика Светското првенство тоа лето. Кога ја гледате играта и ја играте, тоа се две различни нешта, но едната работа може да доведе да се случи другата. Ако САД не игра, изложеноста на фудбалот е поограничен и потешко е да се мотивираат децата.
12 октомври 2017 - 16:10