Кога Тоти дебитираше за Рома уште немаше Wi Fi

Италијанските весници пола од своите денешни изданија му ги посветуваат на Тоти, човекот кој носи епитети како Принц на Рим и симбол на Рома и кој е најстар стрелец во Лига на шампиони со 38 години и 59 дена. На неговата класа и издржливост му се восхитуваат великани како Меси и Болт. Полни 40 и уште е активен фудбалер. Реткост за напаѓач.

За достигнувањата на Франческо Тоти горе доле знаете, сме пишувале. Викендов стигна до бројка од 250 голови во Серија А и пред него е само Пиола со 274. Со Паоло Малдини го држат рекордот на 25 одиграни сезони во Серија А. Тоти е единствениот фудбалер во Италија со постигнат гол во 23 сезони. Во 2010/2011 го мина Роберто Баџо кој остана на 206 гола.

За бројките на фудбалер кој денеска полни 40 години и се вика Франческо Тоти има многу за пишување, но сега ќе се фатиме за други пикантерии поврзани со неговата возраст. На пример кога Тоти дебитирал во Серија А уште не биле родени еден куп актуелни и надежни играчи кои се дел од оваа лига: Донарума, Калабрија, Худ, Каталди, Фелипе Андерсон, Зиелински, Милинковиќ Савиќ, Пјаца, Дибала, Милик, Итурбе, Нјанг, Кеита.

Од неговата генерација 1976-та има еден куп славни играчишта, но Тоти го продолжи договорот до 2017-та, а никој од другиве не носи повеќе копачки. Шевченко се повлече во 2012-та и сега е селектор на Украина. Роналдо во 2011-та, Неста во 2014-та и е тренер на Мајами.

Истата година престана со фудбал и Марко Ди Вајо и сега е клуб менаџер на Болоња. Лани се пензионираше Алваро Рекоба. Патрик Виера не е активен играч од 2011-та и е тренер на Њујорк Сити каде игра Пирло. Негова генерација е и Кларенс Сидорф кој кусо време го тренираше Милан.

Кориере дело Спорт издвои 10 работи кои не постоеле кога Тоти во 1993-та дебитирал за Рома на 16 години:

- Сим картичките со кредит во Италија беа воведени во 1996-та

- Првата верзија на Плеј Стејшн беше презентирана во Јапонија во 1994-та

- Фејсбук постои од 2004 година.

- Не беше уште готов филмот на Квентит Тарантино Pulp Fiction кој во Италија се даваше во 1994-та

- Гугл се појави во 1997-ма и една година подоцна го регистрираа домејнот.

- Еврото како валута се појави во 2002-ра.

- Блу Реј постои од 2004 година.

- Бразилецот Герсон кој игра за Рома е роден во 1997-ма.

- Не постоеше ниту Wi Fi.

- За играта ФИФА се чекаше до есента 1993-та.

На Тоти денеска му честитаа роденден Касано, Де Лаурентис, Нани, Занети, Торес, Болт и уште ред други познати имиња, а видео честитка доби од Меси со кој си разменија дресови кога се сретнаа во ЛШ.

27 септември 2016 - 12:01