Кога маскотата ќе се степа со своите навивачи

При прославата на вториот гол на Ердинген, еден навивач му ја извадил главата на слончето маскота, по што човекот што ја носел го нападнал.

Што и да се случи, најважно е да не ја изгубите главата. Но тоа не му тргна од рака на Андреас Бошек кој од 2004. година ја има улогата на маскота на клубот Ердинген. Човекот за време на дербито меѓу Ердинген и Фишхелн се степал со своите навивачи. Мотив: Му ја тргнале главата од костум.

Ердинген е стара легенда на германскиот фудбал, клуб кој 14 сезони играше во Бундеслигата, подолго од денешните бундеслигаши Аугзбург, Мајнц или Сент Паули.

Познат е и Гротифант, маскотата слонче која во 2009. година беше избран меѓу четирите најубави маскоти во Германија. Има свој Фејсбук профил и навивачите често го резервираат за роденденските прослави на нивните деца.

Петтолигашот Ердинген минатиот викенд играл дерби против Фишхелн и во 81-та минута од мечот домаќините повеле 2:0. Бошек, со маскотата слонче на него се стрчал кон трибините да го прослави голот со навивачите.

Еден навивач решил да се спушти подоле од оградата и да му ја извади главата на Гротифант. Во тој момент главата не ја загубила само маскотата, туку и самиот Бошек кој се качил на оградата и почнал да го удира навивачот. Тепачката се проширила по целиот сектор и сите заборавиле на голот.

На крајот од мечот, Бошек ја дал својата верзија на приказната: „Глупав потег беше. Додека ми ја влечеа главата од маскотата некој ме удри силно по глава и ми се сврти. Сега знам дека било ненамерно. Дечкото ми побара извинување. Ми објасни дека било само шега, но во такви моменти си под стрес и адреналин и не реагираш мирно. Сакав само да ја вратам главата од маскотата, немав претстава што правам. Сега проблемот е решен и нема потреба да се збори и натаму за тоа", вели Андреас Бошек за Билд.

22 септември 2015 - 14:22