На крајот од 19 и почетокот на 20 век илјадници Сицилијанци имигрирале во Аргентина, а подоцна нивните потомци се враќале да живеат и работат на Сицилија. Можеби оттука потекнува блискоста и љубовта на овој град во Јужна Италија за тангото и аргентинскиот фудбал.
Во поново време, многу Аргентинци играа за голем број италијански клубови. Најбројна аргентинска колонија во Серија А имаше Катанија која во 2011-та година направи големо изненадување откако му скина бод на Јувентус.
Поголем дел од својата историја Катанија ја минала во пониските лиги и редовно имала најмал буџет за плати и трансфери. До денешен ден најскапо платен играч им е Пабло Бариентос, платен 4 милиони евра.
Управата и навивачите на Катанија просто биле вљубени во „гаучосите“ и сметале дека за парите кои клубот ги има, најисплатливо било да се купуваат фудбалери од Аргентина.
И се испостави точно. Токму Аргентинците цели 8 години (2006-2014) го држеа клубот во Серија А, најдолга серија на овој клуб во прва лига. Претходно последователно играле во А во далечната 1966-та.
За Катанија играа и многу репрезентативци на Аргентина како: Мариано Андухар, Хуан Пабло Карицо, Пабло Ледесма, Алехандро Папу Гомез, Пабло Бариентос, Албано Биѕари, Лукас Кастро, Гонзало Берхесио, Фабиан Ринаудо, Џино Перуци и Фабиан Монцон.
На 23 април 2011-та година, точно пред 9 години Катанија се сретна со Јувентус во Торино. За „Старата дама“ тогаш играа Буфон, Мота (Соренсен), Бонучи, Барѕаљи, Гросо, Красиќ, Аквилани, Мело, Маркизио, Дел Пјеро (Симоне Пепе), Матри (Тони). Тренер на екипата беше Џиџи Делнери.
Од друга страна, Чоло Симеоне, кој штотуку ја започна својата тренерска кариера во Европа одбра дури 10 Аргентинци во составот (на сликата одлево на десно горе): Матиас Силвестре, Езекјел Карбони, Николас Споли, Макси Лопез, Чиро Капуано (единствен кој не беше Аргентинец) и Мариано Андухар. (на сликата од лево на десно долу): Мариано Иѕко, Пабло Алварез, Алехандро Папу Гомез, Адриан Рикјути и Пабло Ледезма.
Подоцна во игра влегоа уште и Аргентинците Гонзало Берхесио и Езекјел Скелото па така 12 од 14 фудбалери на Катанија на тој меч беа Аргентинци.
Јуве поведе во првиот дел преку Дел Пјеро од пенал, а Алекс зголеми набрзо и на 2-0. Во продолжение Папу Гомез намали а Лоди во 95' минута од слободен удар го замрзна „Деле Алпи“.