Кобниот автогол на Колумбија и убиството на Ескобар

Можеби најдобриот Мундијал во историјата, во САД 1994 остана во сенка на трагичниот настан во Колумбија каде на 2. јули беше убиен бекот на оваа репрезентација поради автоголот со кој Колумбијците испаднаа од САД.

27-годишниот Андрес Ескобар беше стандарден репрезентативец на Колумбија и човек кој немал никакви роднински врски со фамозниот нарко-бос Пабло Ескобар.
 
По враќањето на репрезентацијата на Колумбија од САД, на 2. јули 1994. година фудбалерот бил застрелан 12 пати од тројца напаѓачи на мотори кои се поврзувани со нарко и коцкарската мафија.
По сведочење на присутните едниот му рекол „Фала за автоголот“.
 
Истрагата утврдила дека убиството го планирале криминалци кои се обложувале на мечот САД - Колумбија кој Американците го добија 2:1 и направија големо изненадување. Колумбискиот селектор Франциско Матурана и неколку играчи добивале смртни закани пред мечот, поради што играчот од средниот ред Габриел Гомез одбил да игра.
 
Се зборувало дека големи пари се во игра, исходот бил типуван и во САД и во Колумбија каде нарко-картелите вложиле многу пари на триумф на Јужноамериканците. Полицијата во Меделин соопштила дека некој човек се расправал со Андрес Ескобар кој играл во прволигашот Национал Меделин, во ресторанот каде фудбалерот бил излезен со сопругата на ручек.
 
На дуелот против САД, игран во Пасадена на 23 јуни, Ескобар по еден центаршут на Американците од левата страна, ја смести топката во својот гол за водство на домаќините 1:0. Во нормален натпревар тоа би се сметало за лоша среќа, но во контекст на Колумбија каде обложувањето е страсно колку и коњските трки во Британија, ситуацијата не била нормална.
 
САД, селекција која беше сметана за аутсајдер се квалификуваше во осминафиналето додека Колубија која од Пеле беше прогласена за еден од фаворитите го напушти Мундијалот.
 
Репрезентацијата на Колумбија предводена од Карлос Валдерама и Фаустино Асприља својата сила ја покажала уште во Јужноамериканските квалификации за Мундијалот кога со 5:0 ја прегазиле Аргентина во Буенос Аирес. Прославата на тој триумф однела неколку жртви во Колумбија. Ескобар не е прва фудбалска жртва во оваа земја. Пред него еден познат фудбалер и еден судија биле застрелани во Меделин од нарко-картелите кои вложувале по милиони долари на обложување.
 
По мечот со САД, разочараниот Асприља изјави: „Не е крај на светот“. За жал, за Ескобар беше крај.