Ако претседателот лаже, Твитер не лаже

Шпанскиот прволигаш Хетафе се најде во незгодна ситуација, откако објави дека не добил никаква понуда за Педро Леон, а самиот фудбалер подоцна го објави документот на Tвитер.

Поради финансиски проблеми, Хетафе заработи ембарго на трансфери и на високи плати за фудбалерите кои играат за овој клуб. Забраната стигна од шпанската фудбалска федерација, затоа што прволигашот не ги подмирил заостанатите долгови против поранешни фудбалери и вработени во клубот.

Спасот за деблокада на клупската сметка лежел во продажба на некои од најдобрите фудбалери, по што претседателот на клубот, Анхел Торес изјавил дека нема да прави никаков проблем доколку дојде соодветна понуда за некој од играчите. Сепак, Торес не се држел до ветувањето, затоа што јавно излажал дека не добил никаква понуда од германскиот Хановер 96 за Педро Леон (27).

 

Некогашниот играч на Реал Мадрид ја искористил ситуацијата и веднаш на Твитер ја објавил официјалната понуда на Хановер во износ од 1 милион евра. Тврдењата на Леон дека претседателот лаже ги потврдија и од Хановер 96:

„Да, документот кој го објави Педро Леон е вистински и нема никаква копија. Тоа е оригиналот, кој фудбалерот го доби преку својот агент“, изјавил Александер Јакоб, портпаролот на Хановер 96.

Од друга страна, првиот човек на шпанскиот клуб си продолжи во свој стил, но сега има задача да се симне од висок коњ и да ја признае вистината:

„Не викам дека документот е лажиран, само кажувам дека јас никогаш не сум го добил. Ниту јас, ниту било кој во клубот. Ако стигнал до менаџерот на фудбалерот, тоа е прекршување на правилата“, се бранел Анхел Торес.

Целиот настан заврши со твитот на претседателот, кој објавил дека „Педро Леон е невиден лажго“, за по кратко време да го избрише напишаното.

12 септември 2014 - 14:00