Клуб Бриж оди во Лига Европа иако во Лига на шампиони нема победа 400 дена

Со учинок од 3 нерешени, 3 порази и 12 примени гола, во конкуренција на ПСЖ, Реал Мадрид и Галатасарај, белгискиот шампион заврши трет и ќе продолжи на пролет во Лига Европа.

На 6-ти ноември 2018 година, Клуб Бриж со 0-4 го разби Монако на гости и успеа да го освои 3. место во група тогаш со Борусија Дортмунд, Атлетико Мадрид и Монако. На 6 одиграни средби во ЛШ лани, белгискиот состав имаше 1-3-2 со гол разлика 6:5.

Тоа беше единствен триумф на клубот од земјата чија репрезентација е убедливо прва на светската ранг листа на ФИФА. Колку за споредба, сезонава во Лига на шампиони Зенит има 2 победи но не оди ниту во Лига Европа, Динамо Загреб, Локомотив Москва и Црвена звезда имаат по 1 победа, но останаа со куси ракави.

На последните 8 натпревари во Лига на шампиони, вклучувајќи ја и оваа сезона, Клуб Бриж нема ниту една победа, но оди во Лига Европа само поради мизерниот учинок на Галатасарај.

Сезонава во елитното друштво, Бриж отвори со 0-0 дома против Галатасарај. Па следуваше големо реми 2:2 против Реал Мадрид на гости каде Белгијците имаа сензационални 0-2 до 55’ минута и 1-2 до 85’ минута, но на крајот мораа да се задоволат со бод од „Сантиаго Бернабеу“.

После ова, во Белгија дојде ПСЖ и си замина со огромен триумф 0-5. Бриж до крајот изгуби 1-0 во Париз, одигра 1-1 во Истанбул и синоќа изгуби 1-3 од Реал Мадрид на домашен терен.

Сума сумарум, Бриж без победа, со 3 нерешени средби обезбеди европска пролет и Лига Европа, која ќе биде неверојатно конкурентна со Арсенал, Манчестер Јунајтед, Севиља, Интер, Ајакс, најверојатно и Рома и Борусија Менхенгладбах.

12 декември 2019 - 13:17