Кога на крајот од 2013-та, Ерик Тохир стана мнозински сопственик на Интер, на својата листа на желби (маркетиншки желби) ја стави и оваа:
„Би сакал миланско дерби да се игра во 12:30 за да можат милиони страствени фудбалски навивачи да уживаат во спектаклот“.
Четири години подоцна, желбата на поранешниот прв човек на Интер стана реалност. За прв пат во историјата, дербито Интер – Милан ќе се игра во 12:30 (сабота, 15 април) или што би рекле Италијанците за ручек, бидејќи кај нив се руча тоа време. Одлуката е без преседан, ама се најавува како стратешка во политичка смисла.
12:30 часот во Италија, во Кина е 19:30, совршено време за гледање фудбал на тв. Дали е во прашање само гледаност? Не, туку според пишувањата на италијанските медиуми тоа се случува во пресрет на аукцијата на тв правата за тригодишен договор 2018-2021. Плус фактот дека по Интер, полека но сигурно во раце на Кинезите ќе заврши и Милан и сега се игра по нивните правила.
Но фудбалот за ручек воопшто не им се допаѓа на навивачите на Милан и Интер и воопшто на сите италијански навивачи, како и на некои тренери како Маурицио Сари кој јавно го искритикува тој термин.
Минатата есен дерби од 12:30 се одигра во Премиер лигата меѓу двете екипи од Манчестер, но без некоја врева од Гвардиола, Мурињо и навивачите. Кинеската групацијата Сунинг веќе инвестираше 660 милиони евра во Премиер лига, а овој потег со терминот на миланското дерби се толкува и како привлекување се повеќе кинески инвеститори со кои би живнале повеќе клубови од Серија А.
Интер и Милан следно лето ќе се сретнат на Меѓународниот куп на шампиони во Кина на 24 јули. По италијанскиот Супер Куп во Пекинг 2011-та и дербито во јули 2015-та кога тренери беа Михајловиќ и Манчини, ова ќе биде трето нивно соочување пред публиката во Пекинг.
Натпревари од 12:30 во Серија А сме навикнати да гледаме обично кога барем едниот тим е од рангот на Киево, Емполи, Кротоне, но никогаш не се закажувало дерби.
Овој пат традицијата на италијанската лига и 100 годишните навики на навивачите останаа во сенка на желбите на моќниците. Вие само внимавајте на 15-ти април да не се успиете, а Италијанците останува да ручаат подоцна.