9-годишниот Џејк Тартон беше маскота и талисман на Бредфорд кога на првиот полуфинален натпревар четвртолигашот ја победи Астон Вила со 3:1. Пред крајот на реваншот, капитенот Гери Џонс забележа дека малиот Џејк отпатувал и на гостувањето и тој е помеѓу навивачите на Бредфорд на трибините на „Вила Парк".
Бредфорд загуби на реваншот со 2:1, но тоа беше доволно за пласман во финалето на Лига купот, по што започна големото славје. Капитенот се упати кон трибината со гостинските навивачи и го пронајде малиот Џејк, а eмотивните фотографии на кои тој го бакнува пред да му го подари дресот го обиколија светот, дури и пред да се дознае целата приказна.
Во 2009-та година кога Џејк имал само 6 години, докторите му дијагностицирале тумор. По 9-часовна операција на мозокот докторите му дале 30% шанси за преживување. Цели 10 недели поминал во кома, 3 месеци бил неподвижен, а 6 месеци бил на хемотерапија и радиотерапија.
Џејк ја победи болеста, а приказната ги инспирираше четвртолигашите по елиминацијата на Виган и Арсенал, да совладаат уште еден гигант од Премиер лигата. Челниците на Бредфорд ветија дека ќе сторат се за малиот херој повторно да биде маскота на тимот и да ги мотивира фудбалерите пред историското финале на Вембли против Свонси.