Во 1962-та година екипата на Рочдејл како четвртолигаш се пласираше во финалето на Лига купот на Англија, но загуби. Оваа година уште еден четвртолигаш се пласираше во финалето, но тие имаат шанса и да го надминат овој успех затоа што елиминирањето на гиганти за нив веќе стана навика.
Фудбалскиот клуб Бредфорд е оформен во 1903-та година, а најславниот момент во нивната историја се случил пред повеќе од 100 години кога во 1911-та година тие триумфирале во ФА купот.
Последен пат кога името на фудбалскиот клуб Бредфорд го обиколи светот беше во 1985-та година, но заради една од најголемите трагедии на стадионите во светот. Голем пожар изби на една од дрвените трибини на нивниот стадион и во оваа трагедија животот го загубија 56 навивачи на Бредфорд.
Оваа година фудбалскиот клуб Бредфорд повторно е главна тема во медиумите низ цел свет, но заради сензацијата која ја направија во Лига купот. Најпрвин го елиминираа Виган, потоа на пенали беа посупешни и од Арсенал, а синоќа загубија од Астон Вила со 2:1, но на првиот натпревар тие победија со 3:1 и се пласираа во финалето на купот.
Четвртолигашот се избори за финале на Вембли, каде ќе се сретнат со Свонси или Челси. До сега само на еден четвртолигаш од цел свет му успеало да триумфира во купот. Тоа се случило во 2010-та година кога екипата на СЛ Нејви победи во купот на Шри Ланка, но тие биле прволигашка екипа која претходната сезона била казнета и биле исфрлени во четвртата лига.