Каква чест за Горан и Џани, ги сместија во топ 11 на ЕП

Не спласнува темата “Македонија на Европско првенство“, а задоволството е големо кога ќе се прочита вакво нешто во странскиот печат. Овие момци не успеаа да победат на ниту еден натпревар, ама ги освоија срцата на многумина.

Да те стави БиБиСи во најдобриот тим во тесно и одбрано друштво на ѕвезди, не е воопшто мала работа. Тоа му успеа на Алиоски, еден од нашите најистакнати репрезентативци кој има првотимски статус кај славниот Биелса.

Изгласан е во најдобриот тим по натпреварите во групната фаза и тоа заедно со Лукаку, Имобиле, Де Брујн, Вајналдум...

Ова е личен успех за Џани, еден вид на поени во кариерата, растење на цената, како и уште една нова реклама за Македонија.

Холандскиот портал „Нос Спортс“ пак преку свои анализи и проценки избра еден поинаков тим од досегашниот дел од Европското, но и таму се најде место за Македонец, а тоа е Горан Пандев. Што убаво. Во напад е заедно со Роналдо и Шик.

Холанѓаните не избираат само по игрите од групната фаза, туку гледаат и други параметри. Го посочуваат тоа што Пандев за прв ја однесе Македонија на ЕП, а го даде и првиот гол против Австрија.

Исто така ја величат неговата игра и против нивната Холандија, како и импресивното испраќање во репрезентативна пензија со шпалир и аплаузи на Јохан Кројф арената.

25 јуни 2021 - 12:24